Турција ја засилува операцијата во Африн, копнени сили влегоа со Сирија

Турскиот премиер Бинали Јилдирим денеска соопшти дека турските вооружени сили влегле во сириската енклава Африн, пренесоа агенциите, повикувајќи се на телевизијата „ХаберТурк“.

 

Влегувањето во Африн се случува ден откако Турција нанесе воздушни напади во регионот против поддржани од САД курдски милиции. Операцијата е против курдските формации од „Силите за заштита на народот“ и „Партијата на демократскиот сојуз“ во реонот Африн во Сирија, каде што живеат околу 1,5 милиони сириски Курди. Анкара ги смета овие групи за поврзани со Курдската работничка партија (ПКК), која во Турција е прогласена за терористичка организација.

 

Јилдирим соопшти дека операцијата наречена „маслиново гранче“, ќе се одржи во четири фази и дека со неа Турција цели да создаде 30-километарска „безбедносна зона“ во Северна Сирија, наведува ТАСС, повикувајќи се на турски „Милиет“.

 

Освен тоа Јилдирим рече дека како резултат на операцијата „маслиново гранче“ ќе бидат уништени сите „терористички организации“. Тој додаде дека пред почетокот на операцијата биле извршени „сите дипломатски преговори“.

 

Според „ХаберТурк“ турската армија влегла 3,5 километри во територијата на Африн и го чистела минираниот регион таму. Според зборовите на премиерот, операцијата започнала во 11:05 часот по локално време и засега нема повредени турски војници при операцијата.

 

Претходно, турските власи соопштија дека сириските Курди истрелале четири ракети врз турскиот град Килис, при што полесно е повредено едно лице.

 

Портпаролот на СЗН негираше тврдењата дека турските сили влегле во Африн и изјави дека тие се обиделе да ја преминат границата, но биле одвратени по жестоки борби.

 

Африн е под контрола на силите на сириските Курди, кои Анкара ги обвинува дека го поддржуваат курдскиот бунт во југоисточна Турција. Сириските Курди се дел од Сириските демократски сили, главен американски сојузник во борбата против Исламска држава во Сирија.

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

WP-Backgrounds Lite by InoPlugs Web Design and Juwelier Schönmann 1010 Wien