ВИДЕО – ВМРО-ДПМНЕ : Јованоски се кити со туѓи перја, грантот за патот Прилеп-Селце е проект на претходната власт

Почитуван градоначалник Јованоски, kаде е програмата „Живот за сите“? Каде се проектите кои ги ветивте? Изгледа реален беше само сомнителниот локум и кафето кое го поделивте меѓу граѓаните во предизборниот период. Рекоа на денешната прес конференција од О.К. на ВМРО-ДПМНЕ Прилеп.

 

 

Прес конференцијата ја пренесуваме во целост.

 

„Повторно како гавранот кој се кител со туѓи перја бесрамно пробувате да присвоите проекти од претходната власт и да ги прикажете како свои. Ова ли е максимумот ваш и на вашите соработници? Зар безидејноста го достигна врвот по само неколку месеци практикување власт?

 

Се пофаливте дека потпишавте договор за грант од ИПА програмата за реконструкција на патот Прилеп-Селце, а ете го скривте фактот дека целокупниот проект беше изработен од претходната власт во јули 2017, кога се донесе и Одлука на совет за проектот и истиот се аплицираше за средства во ИПА програмата. Ова со што вие денес гордо се фалите е само краен резултат на работата на локалната власт предводена од ВМРО ДПМНЕ.

 

Повеќе од јасно е дека ќе пробате да ги присвоите заслугите и за проектот за изградба на кружен тек кај мостот Табана  па да се потсетиме дека истиот се изработи во октомври а се аплицира во ноември 2016 година , исто од локалната власт предводена од ВМРО ДПМНЕ.

 

Ги потценувате граѓаните и гласачите и им подметнувате кукавички јајца во обид да ја прикриете својата безидејност и срамот дека не сте во можност да исполните ниту едно од дадените ветувања.

 

Наместо работа, тргнавте на пат околу Европа, направивте театар наречен граѓански парламент и успеавте да им се реванширате на 300 свои сограѓани и нивните семејства бркајќи ги од работа и оставајќи ги во незавидна економска состојба.

 

Не ја намаливте цената на водата, не ги вративте младите назад, ги излагавте сограѓаните Роми од Три Багреми и Мексико и не им обезбедивте приклучок на струја и вода а успеавте целосно да го уништите спортот и ја стопиравте изградбата на градскиот стадион Гоце Делчев.

 

Дали ваш прв проект ќе биде поставувањето на двојазични табли во Прилеп на македонски и албански јазик или претворање на участакот во музеј на соживот и добрососедство останува да видиме!

 

За крај, иако се китите со сработеното од ВМРО-ДПМНЕ, Ве повикуваме и поддржуваме и во иднина да продолжите да ги реализирате проектите кои се аплицирани и средствата обезбедени од претходното раководство на општина Прилеп, како и да ги завршите започнатите проекти од страна ВМРО-ДПМНЕ зошто тоа се проекти во интерес на граѓаните на Прилеп“, рекоа од О.К. на ВМРО-ДПМНЕ Прилеп.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

WP-Backgrounds Lite by InoPlugs Web Design and Juwelier Schönmann 1010 Wien