ВИДЕО – Пиличев : Kривични пријави против Марјан Ристески, Ирена Стерјовска Локвенец и Дарко Рибароски

Јавната општинска установа дом за стари лица „Киро Крстески –Платник“ до Основното јавно обвинителство во Прилеп, поднесе кривични пријави против ексградоначалникот на Прилеп, Марјан Ристески и поранешните директори на домот – Ирена Стерјовска Локвенец и Дарко Рибароски, за евидентирани злоупотреби во работењето на оваа јавна установа, како и против правниот субјект МИП „Марфил“ увоз – извоз ДОО-Прилеп. Истакна на денешната прес конеференција в.д. директорот Кристијан Пиличев.

 

 

Прес конференцијата ја пренесуваме во целост.

 

 

„Домот за стари лица бара од Основното јавно обвинителство овие кривични пријави да бидат итно процесуирани. Прво, постојат сериозни индиции дека ексградоначалникот Марјан Ристески и поранешната директорка Ирена Стерјовска Локвенец се сторители на кривичното дело „Злоупотреба на службената должност и овластување“, од причина што Стерјовска Локвенец била именувана за директор на оваа установа спротивно на посебните услови од објавениот јавен конкурс.

 

Конкретно, согласно објавениот конкурс, директорот требало да има претходно работно искуство од најмалку 4 години, а Стерјовска Локвенец, која што дипломирала во април 2013, именувана била две и пол години подоцна, односно на 05.11.2015 година. што значи дека не поминале 4 години, колку што се барало во конкурсот.

 

Со тоа, ексградоначалникот Марјан Ристески на својата сопартијка, претседателката на Унија на жени на општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ од Прилеп, незаконски ѝ овозможил да ги ужива правата од работен однос и бенефициите од функцијата директор на домот за стари лица,полни две години во периодот од ноември 2015 до декември 2017 година.

 

Второ, двајцата поранешни директори на домот за стари лица, Дарко Рибароски и Ирена Стерјовска Локвенец се сомничат за сторени три кривични дела: злоупотреба на службена положба и овластување, непријавување кривично дело или сторител и злоупотреба на постапка за јавен повик, доделување на договор за јавна набавка или јавно приватно партнерство.

 

Домот за стари лица „Киро Крстески-Платник“ бара од прилепското Основно јавно обвинителство да се изврши вештачење врз материјално-финансиското работење на оваа јавна општинска установа, поврзано со реализација на постапката за јавни набавки со правниот субјект МИП „Марфил“ ДОО Прилеп, што треба да покаже евентуално постоење на други злоупотреби изминатите неколку години.

 

Имено, поранешниот директор Дарко Рибароски и фирмата „Марфил“ го оштетиле домот за стари лица за повеќе од 300.000 денари, со тоа што изготвувале фиктивни фактури за наводна испорака на прехранбени производи на домот, кои никогаш не пристигнале во оваа јавна општинска установа. Испратниците и фактурите „Марфил“ ги употребил во постапка пред нотар, така што противправно се стекнал со решение за извршување и парите ги наплатил во целост.

 

Поради овие евидентирани злоупотреби, домот за стари лица „Киро Крстески-Платник“ и јас како вршител на должноста директор, бараме од Основното јавно обвинителство – Прилеп, да ги процесуира поднесените кривични пријави со цел да се разоткријат и санкционираат криминалите на претходната власт. На злоупотребите мора да им се стави крај, а вистината да излезе на виделина. Јавноста треба да знае во чии џебови завршувале народните пари, кој ги злоупотребил пензиите на штитениците згрижени во домот, кои што долго време беа оставени без квалитетна храна, лекови, без соодветна медицинска заштита, во катастрофални услови во установа што се распаѓа, без греење и соодветен третман предвиден со потпишаните договори“ рече в.д. директорот Кристијан Пиличев.

 

Пиличев исто така додаде домот за стари лица „Киро Крстески –Платник“ должи околу 3,5 милиони денари кон добавувачите. Планирале проблемите и долговите да се надминат со приме на нови штитеници, подобрување на условите во установата и помош од Општина Прилеп. Во моментов сметката на домот не била блокирана.

 

Народната кујна ќе продолжела со работа, моментално се давале 95 оброци во текот на денот.

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

WP-Backgrounds Lite by InoPlugs Web Design and Juwelier Schönmann 1010 Wien