ВИДЕО : Се распаѓа еден од највредните иконостаси во Македонија, во црквата Свето Благовештение во Прилеп

Алармантна е состојбата со иконостасот во црквата „Свето Благовештение“ во Прилеп, кој според експертите е трет по вредност во Македонија после оној во Бигорскиот манастир и црквата Свети Спас во Скопје. Иконостасот потекнува од 1845 година, а е изработен од тајфата на мајсторот Петре Филипоски – Гарката.

 

Носечките столбови на иконостасот се испукани и изедени од црвојадина. Дел од помалите икони кои се на на него се тотално уништени, а уникатните резби секој ден стануваат се пооштетени од забот на времето. Последен пат фумигација, заштита од бактерии и штетници, е направена во 1991 година, а од тогаш наваму нема никаква интервенција од страна на државата.

 

 

Свештениците во црквата велат дека постои опасност ова непроценливо културно наследство да се урне во секој момент, па дури и да дојде до човечки жртви доколку итно не интервенира државата. Иако со години наназад доставувале барања за заштита на ова дело кое е заштитено со закон до Заводот и музеј Прилеп, барањата не биле одобрувани.

 

„Состојбата со иконостасот во храмот „Свето Благовештение“ е навистина очајна во моментов. Покрај повеќето барања од страна на свештениците и Епархијата да се превземе нешто досега не е одговорено. Некаде 36 или 37 години нема никаков зафат извршено тука. Не дај Боже има можност да се урне иконостасот ако за некоја година не се превземе нешто. Освен што ќе го изгубиме ова дело од непроценливо значење некој може да биде и повреден“, изјави отец Илчо Смилески, старешина на црквата „Свето Благовештение“.

 

Подолг период веќе и пааѓат цели делови од икостасот, а свештениците ги собираат и ги чуваат во посебна просторија со надеж дека тие еден ден повторно ќе бидат вратени на иконостасот со неговата конзервација.

 

Според запишаните документи изработката на овој иконостас е порачана во 1840 година, се изработувал околу 5 години, а неговата изработка тогаш чинела околу 1.000 турски лири. Иконостасот е изработуван од страна на тајфата на Петре Филипоски – Гарката, односно од неговиот зет Димитар Станишев. Се изработувал во куќата на Мисиркови, која што тогаш била лоцирана во т.н. „Трајкомаало“. Иконостасот е изработуван во повеќе делови кои потоа биле донесени тука во црквата и склопувани на лице место. Иконостасот е поделен на два ката, кои што катови пак се поделени на неколку појаси.

 

Иконостасот е долг 16,8 метри, висок 6,2 метри, а во својата основа е праволиниски. Изработен е од оревово дрво. Престолните икони завземаат централно место на иконостасот и ги има 13. На средината на иконостасот се наоѓаат царските двери.

 

Корнизонот на иконостасот претставува граница помеѓу двата ката, каде вториот кат е издаден нанапред. Помеѓу корнизонот и празничните икони се наоѓа фриз на кој има и 16 медалјони каде се насликани апостолите и некои старозаветни пророци, но овој дел е толку многу оштетен што денес неможе да се познае на некои места кој светител е воопшто насликан.

 

 

Освен иконостасот тајфата на Гарката во црквата Свето Благовештение ги изработила и Владичкиот стол, Царскиот престол и Амвонот.

 

Владичкиот стол е вистинско ремек дело кој е изработен лично од Петре Филипоски – Гарката. Ова импозантно дело се претпоставува дека е едно од неговите последни творби и е единствено од таков вид не само во неговото творештво туку и во Македонија воопшто.

 

Владичкиот стол е висок 5 метри, широк 92 см и длабок 86 см. Во најдолниот негов дел се изрезбарени два лава и змии кои ги каснуваат. Понатаму украсен е со растителна орнаментика, разни животни, ангели и други црковни елементи. Иконата на владичкиот стол е насликаната во 1853 година, од непознат автор.

 

Амвонот, местото од каде ѓаконот го чита Евангелието во црквата, се исто така дело на оваа тајфа, него го изработил Димитар Станишев и тоа е навистина е едно дело со извонредна уметничка вредност каква што нема во поширокиот регион. Ова дело е носено дури и на повеќе меѓународни изложби во странство.

 

И владичкиот стол и амвонот исто така се наоѓаат во голема опасност и не се заштитени исто како и иконостасот.

 

Старешината на „Свето Благовештение“, отец Илчо Смилески истакна дека во моментов имале добра соработка со Заводот и музеј Прилеп и се надева дека годинава конечно ќе се изврши некаков зафат за заштита на иконостасот.

 

„Во моментов со управата на Завод и музеј Прилеп имаме некое разбирање, има иницијатива и се надеваме дека тоа ќе се реализира за да се заштити конечно иконостасот кој е навистина едно непроценливо дело и кој се смета за трет по важност во нашата држава после иконостасите во Бигорски и Св. Спас“, додаде отец Илчо Смилески.

 

 

Од Заводот и музеј Прилеп потврдуваат дека иконостасот е во катастрофална состојба и дека е потребна негова итна конзервација.

 

„Од кога дојдов јас на директорското место во Завод и музеј Прилеп разговарав со старешината на црквата „Свето Благовештение“ на оваа тема. Ситуацијата со иконостасот на сите нас ни е позната. Никој досега не превземаше никаква активност за да се заштити едно такво уметничко дело или споменик на култура кој е еден од 4-те најдобри иконостаси во Македонија и поширокиот регион. Така што се договоривме да покренам иницијатива до Министерството за култура, да се изврши превентива на почетокот. Тоа се вика фумигација, еден процес кој се извршува со хемиски гасови кои се испуштаат во црквата, таа се затвора неколку денови тогаш и со тоа се врши заштита на иконостасот од црвојадина и други инсекти, за да се стопира процесот на распаѓање. Понатаму имаме во план да се конкурира во редовна програма со изготвување на проект и понатамошна негова целосна конзервација на иконостасот“, истакна Благоја Атанасоски директор на Завод и музеј Прилеп.

 

И црковните лица и верниците како и стручните лица се надеваат дека државата итно ќе реагира за да се заштити ова наше непроценливо културно богатство.

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи