ВИДЕО – Китаноски: Пријавите за злоупотреби и криминал во старски дом Прилеп да добијат судска разрешница

Општинската организација на СДСМ од Прилеп преку прес-конференција побара Основното јавно обвинителство веднаш да пристапи кон разрешување на кривичните пријави за наводни злоупотреби и криминал од страна на претходниот градоначалник Марјан Ристески и поранешните директори на домот за стари лица – Ирена Стерјовска Локвенец и Дарко Рибароски, за кои вчера извести актуелниот в.д. директор оваа институција, Кристијан Пиличев.

 

Прес-конференцијата ја пренесуваме во целост:

 

 

„Сите евидентирани злоупотреби и криминал со парите од граѓаните од страна на претходната власт на ВМРО-ДПМНЕ, мора да добијат судска разрешница.

Бараме Основното јавно обвинителство веднаш да се зафати со расчистување на кривичните пријави против Марјан Ристески и поранешните директори на домот за стари лица – Ирена Стерјовска Локвенец и Дарко Рибароски, за кои вчера актуелниот директор на старскиот дом ја извести прилепската јавност.

Веднаш да се расчистат сите индиции од кривичната пријава дека поранешниот директор Дарко Рибароски и фирмата „Марфил“ го оштетиле домот за стари лица за повеќе од 300.000 денари, со тоа што изготвувале фиктивни фактури за наводна испорака на прехранбени производи на домот, кои никогаш не пристигнале во оваа јавна општинска установа.

Прилепската јавност е згрозена од информациите за злоупотреба на народните пари и пензиите на штитениците згрижени во домот, кои што долго време биле оставани без квалитетна храна и лекови, без соодветна медицинска заштита, без греење и во катастрофални услови за сместување.

Обвинителството мора да го расчисти и сомнежот за злоупотреба на службената положба на Марјан Ристески, дека именувањето на претседателката на Унијата на жени на ОК на ВМРО-ДПМНЕ Прилеп, Ирена Стерјовска Локвенец, за директорка на старскиот дом „Киро Крстески- Платник“, било спротивно на посебните услови од објавениот јавен конкурс.

Исто така, очекуваме дека надлежните институции ќе утврдат на кој начин поранешниот градоначалник Марјан Ристески, му овозможил на Дарко Рибароски, надвор од сите законски рокови, повеќе од 6 години да ја извршува функцијата ВД директор на домот за стари лица?

Граѓаните на Прилеп сакаат да знаат како тоа поранешните директори на прилепскиот дом за стари лица, и покрај партиципацијата на штитениците на

домот и субвенциите кои им ги доделувала Општина Прилеп, успеале да направат загуби од 15 милиони денари?

Ова се само мал дел од прашањата чии одговори пошироката јавност во најскоро време мора да ги дознае. Уставот и законите во Република Македонија важат подеднакво за сите. Обвинителството и судските органи треба и мора да го докажат тоа!“, соопшти Александар Китаноски – Член на Советот на Општина Прилеп, од редовите на СДСМ Прилеп.

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

WP-Backgrounds Lite by InoPlugs Web Design and Juwelier Schönmann 1010 Wien