Македонија атакува на победа против Чешка

Македонската ракометна репрезентација вечерва од 20 часот и 30 минути против селекцијата на Чешка ќе го одигра вториот натпревар во главната рунда на Европското првенство.

 

Пред нашите ракометари стои најголемиот предизвик во досегашниот тек од првенството. Избраниците на Раул Гонзалес уште по мечот со Шпанија најавија дека на следниот меч ќе дадат се од себе да потврдат дека на тој натпревар имаа само лош ден и дека против Чешка ќе го потрошат и последниот атом од силата да стигнат до толку посакуваната победа.

 

Капитенот Кире Лазаров останува во тимот и во следниве часови лекарскиот тим во нашиот состав прави напори тој да биде оспособен за вечерашниот меч и да се обиде да им помогне на колегите во најзначајниот дуел во овој дел од континенталниот шампионат.

 

Соочувањето со Чесите има огромно значење, бидејќи со триумф не само што ги задржуваме шансите за највисок пласман, туку и значително си ги зголемуваме шансите да бидеме трети во групата, а тоа значи дека ќе се бориме за петтото место и да се обидеме да обезбедиме директен пласман на следниот Мундијал.

 

Со репрезентацијата на Чешка до сега сме одиграле дури 13 натпревари. Двете селекции имаат по пет победи, а три средби завршиле нерешено. На големите натпреварувања имаме една победа, еден пораз и едно реми и тоа потврдува дека не очекува тежок и неизвесен дуел.

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.