Ингилизов: Ајде сега бидете најголем спонзор, како што беше вашиот претходник и кренете го клубот на повисоко ниво!

Откако беше прифатена неговата оставка и на неговото место како в.д. директор беше поставена Ирена Јакимоска, Гоце Ингилизов преку соопштение до јавноста објаснува дека неговото повлекување е поради притисок, кој се наметна во јавноста од новата локална власт, притоа заблагодарувајќи се на досегашните спонзори и на екс-градоначаликот Марјан Ристески, но и на најверната публика во Македонија.

 

Соопштението го пренесуваме во целост:

 

Почитувани љубители на фудбалот,чувствувам должност преку ова соопштение да ги појаснам работите и случувањата во ФК Победа АД. На вчерашниот состанок на бордот на директори, беше прифатена мојата оставка од извршен член на бордот, која подолг период беше понудена. Оваа оставка ја понудив не затоа што има нерешливи проблеми во клубот, не затоа што имало некои којзнае какви долгови, туку од преголем притисок кој се створи изминативе неколку месеци околу клубот со измислици и недоискажани факти. За да не дојдеме до момент од кој нема да има враќање назад и да се направи уште поголема штета на клубот, решив да се повлечам од оваа позиција.
Би сакал во оваа прилика да се заблагодарам на сите работници во клубот за соработката, на членовите на стручните штабови и на сите фудбалери кои поминаа низ клубов изминативе две и пол години, но пред се на верните навивачи на Победа, Мајмуните!


Приликата која ми беше дадена да го водам овој клуб,од страна на г. Марјан Ристески, без кого најверојатно немаше ни да биде овде клубот, мислам дека достојно ја искористив и успеавме во краток рок да ја изполниме целта, а таа беше: ФК Победа да биде во прва лига! Кога станав претседател, клубот беше на 7ма позиција во втората македонска лига, со тенденција за испаѓање. Казнет да игра 8 натпревари на 100 или повеќе километри надвор од Прилеп, со демотивирани играчи, неисплатени плати, нарушени односи со јавност и скоро никакви односи со навивачи. Сето ова брзо го променив на подобро и заедно со огромната помош на спонзорите, пред се финансиска, успеав да го стабилизирам клубот. Внесовме нова енергија меѓу играчите, донесовме неколку нови играчи, го подобривме значително имиџот на клубот, односите со навивачите и пополека почнавме да напредуваме на табелата, достигнувајќи го првото место и пласман во првата лига, преку една рекордна серија од 8 победи во низа, 7 од кои остварени на терени надвор од Прилеп.

 

Во моментов ја напуштам оваа позиција со остварена цел и Победа е таму каде што и треба да биде, во прволигашкото друштво со скоро ист долг како оној кога го презедов клубот (меѓудругото, овој долг немаше да го има, ако Општина Прилеп ги пуштеше средствата кои беа изгласани на совет и договорени со клубот). Со добар ростер на играчи ,кој со 2-3 засилувања може да биде конкурентен за да се стигне до првата половина од табелата во првата лига. Се зборува дека сите играчи заминале од клубот, што не е вистина, до моментов од оние кои стандардно играа минатава полусезона заминати се само двајца.


Нешто на што посветив доста внимание, развојот на млади фудбалери, доста ме радува и ме прави горд. Во моментов има неколку екстра таленти во школите и во првата екипа и на тоа треба да се продолжи да се работи. Работата на тренерите во школата на Победа полека дава резултати. Проектите „Лука Трајкоски“ и „Марио Наумоски“, а од оваа полусезона и уште 3-4 млади играчи кога тогаш ќе вродат со плод и Победа ќе може добро да го наплати тоа што го инвестирала во нив. За двајцата имавме неформални понуди, но сметавме дека се ниски и дека вредноста ќе им биде поголема по неколку месеци,но тие деца треба да се „издржат“ додека не прераснат во врвни фудбалери. Се надевам дека успеав на тренерите да им го наметнам моментот, дека млад фудбалер во прва екипа е оној на 16-17 години, а не на 21-23, за што имавме жолчни расправии со шефовите на стручните штабови во клубот.


Г-ѓа Ирена Јакимоска, г. Сашо Самарџиоски, г. Џорџ Атанасоски, г. Горан Хаџи-Ристески, г. Сашо Наумоски, Мермерен Комбинат-Прилеп, сите останати кои помагаа на клубот, како и поранешниот градоначалник на Прилеп, г. Марјан Ристески, беа столбовите на Победа и нивното финансиско помагање беше клучно во изминатиов период. До локалните избори, беспрекорно функциониравме и клубот напредуваше. Без овие луѓе клубот нема да може да опстои. Треба цела прилепска фудбалска јавност да им биде благодарна за нивната улога во Победа. Мора да сфати новата локална самоуправа, дека од нив „не започнал светот“ и дека тие мора да помагаат во сите сфери, вклучително и спортот. Ми укажуваа дека јас сум пречка за да даваат пари(оти во спортот нетребало да се меша политика,нели!?), еве мене ме нема, ајде сега бидете најголем спонзор како што беше вашиот претходник и кренете го клубот на повисоко ниво!


Навивачите мора да се вратат на стадион уште појако, но за тоа треба да се заврши фудбалскиот храм „Гоце Делчев“, не може да се игра на терени на кои ни третолигаши не треба да играат и на кои нема елементарни услови за игра и следење на натпревар. Не дека низ другите градови е нешто поразлично, фудбалот во Македонија е на ниско ниво и ја пресликува целокупната ситуација во државата, но ние мора да се стремиме кон подобро. Фудбалот се игра за публиката, а таа во Прилеп е најбројна, најбучна и највеќе знае фудбал. Имавме со навивачите многу убави, но и многу лоши моменти, но мене лично најубаво ми беше кога одевме заедно од град во град и заедно навивавме во онаа рекордна серија од победи на нашиот клуб пред две сезони.


На крај, на новото раковорство сакам да му посакам успешна работа, да ни овозможат повеќе позитивни од негативни емоции и да им укажам на фактот, дека прилепчани не трпат негативен резултат, на фудбалерите им посакувам успешни кариери, а на ФК Победа да напредува од сезона во сезона и постепено да се стреми кон врвот. Јас ќе сум тука, во близина. Животот е долг и тркалото се врти. Ќе помагам кога ќе биде побарано од мене, ќе аплаудирам најгласно на успесите, ама и ќе критикувам за грешките, а иднината ќе покаже дали со моето работење во клубот сум успеал да оставам позитивен траг во историјата на фудбалски Прилеп.


Победа не може да умре, може да биде во кома или транс некое време, затоа што има верна публика која е со клубот и во добро и во лошо!

Спортски поздрав!

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

WP-Backgrounds Lite by InoPlugs Web Design and Juwelier Schönmann 1010 Wien