Македонија го менува името на автопатот, ќе се вика „Пријателство“

По повеќечасовната средба во Давос, македонскиот и грчкиот премиер најавија серија мерки на добра волја за подобрување на меѓусебните односи, и иницијатива за решавање на спорот за името.

 

Грчкиот премиер, Алексис Ципрас по средбата со нашиот премиер, Зоран Заев во Давос изјави дека се борат да најдат решение за името.

 

„Не само што сакаме да го решиме спорот со името туку и да ги поставиме билатералните односи на цврста основа, на меѓусебно почитување, што значи дека прво мора да се избориме со иредентизмот, во сите негови форми, со гаранции дека нема да оставиме ниедна дупка, или да се појават слични предизвици во блиска иднина“, рече грчкиот премиер Алексис Ципрас.

 

„Зоран ме информираше дека е спремен да преземе важни иницијативи предизвици, а на овие основи јас ќе ги поддржам иницијативите што мојата земја исто така ги подготвува. Подготвени сме за да ги придвижиме нештата кон ратификација и на евроатлантските интеграции и процеси. Мора да најдеме решение за сите нерешени прашања, за процесите на членството во НАТО и ЕУ да бидат успешни. Но мора да најдеме заедничко прифатливо решение ерга омнес, и во оваа рамка се согласуваме со премиерот дека преговарачкиот процес за името се ближи кон крајот“, додаде Ципрас.

 

Премиерот на Грција, Алексис Ципрас, најави и дека ќе се отвори граничкиот премин „Маркова нога“ кај Преспа.

 

„Знам дека денеска многу луѓе не гледаат, некои со скептицизам и со загриженост, други со исркена надеж и би сакал да покажам дека ние двајцата сакаме да ги решиме нештата со прагматизам и одговорност. Го велам ова бидејќи не само што сакаме да го решиме спорот со името, исто би сакале билатералните односи да ги поставиме на цврста основа, на меѓусебно почитување што значи мораме да се избориме со иредентизмот, што значи не смееме да оставиме ниедна дупка“, изјави Ципрас.

 

Вели дека на Балканот има национализам, а регионот мора да се фокусира на предзвиците за 21 век како безбедност, стабилност и економија.

 

Заев рече дека со Грција треба да бидеме партнери во Европа и НАТО и потврди дека немаме претензии кон јужниот сосед.

 

„Почитувани граѓани, сакам да го споделам задоволството од оваа прва средба со премиерот Алексис Ципрас. Свесни сме дека целиот регион и двете земји се на вистинскиот пат да постигнат добрососедски односи, кои се на вистинскиот пат кон евроатлантските иницијативи, и ќе придонесат за економскиот просперитет на балканскиот регион. Крајното решение мора да биде прифатливо за двете страни. Мора да водиме грижа за нашите интереси, решението мора да биде во насока на заштита на националниот дигнитет и идентитетот на нашите народи. Со цел да покажеме дека сме посветени во процесот на наоѓање решение, најавувам дека со таа цел и конкретно ќе го покажеме тоа. Владата вети промена на името на аеродромот и автопатот. Автопатот ќе се вика „Пријателство“, рече Заев.

 

„Нашите активности ја покажуваат нашата добра волја. Немаме никакви територијални иредентистички претензии кон нашиот сосед. А Грција треба да покаже добра волја во однос на подобрување на соработката на Македонија со ЕУ и другите меѓународни организации. Премиерот Ципрас зборуваше за тоа. Остануваме посветени на преговарачкиот процес за чија имплементација е одговорен посредникот на ОН Метју Нимиц. Ќе го кренеме нивото и министрите за надворешни работи и нивните тимови ќе ги преземат преговорите, а тоа ќе значи засилување на процесот, соодветна динамика и суштина на овие преговори“, истакна Заев.

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

WP-Backgrounds Lite by InoPlugs Web Design and Juwelier Schönmann 1010 Wien