ВИДЕО : По повод 37 роденден на Тоше финиширан неговиот 4 постхумен албум – „Secret place“

Во Крушево денеска се одбележа 37 роденден на нашата најголема музичка ѕвезда Тоше Проески. Голем број фанови од Македонија и странство дојдоа да оддадат почит на неговото вечно почивалиште на Гумење. По повод роденденот од Фондацијата „Тоше Проески“ најавија дека е финиширан неговиот 4 постхумен албум насловен како „Secret place“. На албумот ќе има 10 песни, кои се испеани на англиски јазик.

 

 

„Она што можам да го кажам сега е тоа дека се подготвуваат и три видео записи за три песни од самиот албум. Едниот е снимен во македонската филхармонија, вториот во студио, а третиот во Крушево. Исто така можам да кажам дека во согласност со Министерството за култура е планиран и голем концерт на кој ќе биде промовиран овој албум. Албумот се изработи во студиото на англискиот продуцент Енди Рајт и на истиот концерт ќе бидат промовирани и сите нови песни и видео записи. Очекуваме тој концерт да се одржи кон крајот на април или почеток на мај. Концертот е продолжување на активностите на настанот кој започна лани, а беше насловен како „Деценија без Тоше“. Она што е интересно и би требало да го споменеме е тоа дека на англискиот албум една од песните е песна на неговиот внук Кристијан, посветена на неговиот вујко. Како трибјут во негова чест, за која песна исто така ќе биде снимен видео запис“, истакна Андре Николовски, претседател на фондација „Тоше Проески“.

 

Од Општина Крушево истакнаа дека очекуваат оваа година да започне изградба на ново вечно почивалиште за Тоше Проески.

 

„Ние како Општина покренавме иницијатива до Владата за изградба на достоен вечен дом за нашиот Тоше. Владата ни излезе во пресрет со тоа што оддели околу 150.000 евра за оваа намена. Со тоа би му возвратиле на нашиот ангел. Се надеваме дека Владата целата ингеренција за ова ќе ни ја додели на нас како локална самоуправа ние да го спроведеме проектот. Локацијата на гробот ќе остане најверојатно истата, а се прават идејни проекти како тој би изгледал. Се се работи во координација со семејството Проески“, истакна Томе Христоски, градоначалник на Општина Крушево.

 

По повод роденденот на Тоше денеска во неговиот Спомен дом беше организирана пригодна програма во соработка на Општина Крушево и Македонската филхармонија на која исто така настапија и учениците од основното училиште „Никола Карев“ и средното училиште „Наум Наумоски – Борче“.

 

 

„Ова е 7 година како работи Спомен куќата Тоше Проески, досега ја посетиле над 600.000 посетители, од Македонија и странство. Ние сме горди на таа бројка и се вбројуваме во музеите во Македонија со најголем број на посетеност. Денес сум среќна што има толку многу посетители и фанови. Имаме 350 експонати од Тоше во Куќата, поставките се менуваат на денот на роденденот и денот на трагичниот настан. Инаку новина е тоа што пред една недела успеавме да ја добиеме првата награда на Тоше, за прво освоено место на „Евро фест“ во 1998 година и таа сега е поставена во музејот“, изјави Елена Мирческа, директор на „Спомен дом Тоше Проески“.

 

Директорот на македонската филхармонија Виктор Илиески, истакна дека тој бил дел од неговата екипа во првата песна со која Тоше настапи за песна за Евровизија на Скопскиот фестивал во 1998 година.

 

„Јас сега како филхармонија се вклучив да дадеме еден придонес за нашата легенда Тоше Проески. Претходната недела снимивме и еден спот заедно со гудачката секција на филхармонијата на неговата нова песна „When I got the sunlight“. Таа песна наскоро ќе биде објавена на концертот кој ќе се одржи во салата Борис Трајковски“, истакна Виктор Илиески, директор на Македонската филхармонија.

 

По повод неговиот роденден во Спомен домот се одржа и крводарителска акција.

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

WP-Backgrounds Lite by InoPlugs Web Design and Juwelier Schönmann 1010 Wien