ВИДЕО – Јанески : Претходното раководство на ЈКП „ВИК“ – Прилеп предизвикало штети од 5.8 милиони денари

На денешната прес-конференција директорот на јавното претпријатие Водовод и канализација од Прилеп, Емил Јанески, обвини за несовесно и неодговорно работење на претходоното раководство, што предизвикало штети од  5.8 милиони денари од застарени побарувања од физички лица.

 

Прес конференцијата ја пренесуваме во целост.

 

 

„Поради фактот што ЈКП ВИК не покренало тужби против должниците во законски рок, предизвикана е штета од приближно 100 000 евра, суми кои можеле да се инвестираат во најмала рака во нови инвестиции.

 

Имено, од јуни 2016 година до 14.11.2017 година, поточно до моментот на моето доаѓање на раководна функција на ЈКП ВИК, не се оптужен овие побарувања, значи е пропуштен законскиот рок и за нивна судска наплата. Вкупните побарувања од физички лица, заклучно со овој датум 14.11.2017 година изнесуваат речиси 13.2 милиони денари.

 

Веднаш по моето именување склучени се околу 300 договори за итна наплата на стари побарувања, а во исто време покренати се уште 700 тужби против граѓани должници. Во редот на неплаќачите најголем дел, факт е дека се социјални семејства и тоа од ромската населба Тризла. Но, голем е бројот на граѓани кои се материјално ситуирани, а кои сепак покажале граѓанска несовесност, со неплаќање на обврските за потрошена вода и тоа за подолг период.

 

Обврски кон ЈКП ВИК имаат и повеќе правни субјекти во периодот на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ, а меѓу нив водечки се прилепскиот казнено порправен дом, со долг од околу 1.9 милиони денари, за неплатени сметки до 11.2017 година. Потоа загубарот Еурокомпозит продуцирал неплатен долг од 1.6 милиони денари, но и Општина Прилеп со претходната власт на ВМРО-ДПМНЕ и Марјан Ристески должи неполни 1 милион денари.

 

Последната сума која што ја платила претходната локална власт е заклучно со јануари 2017 година. Од тогаш до 14.11.2017 година не е уплатен ниту еден денар. Овие податоци отвораат многу прашања.

Зошто биле толерирани многу физички лица, па дури и општината во време на владеењеот на ВМРО-ДПМНЕ и Марјан Ристески, која како правен субјект не ги подмирила своите долгови кон ЈКП ВИК?

 

Дали поранешната локална власт се идентификувала со владеачката партија ВМРО-ДПМНЕ, па преку јавните фирми воделе продолжена изборна кампања. Штетите се на товар на ЈКП ВИК, а ЈКП ВИК го основа Општина Прилеп.

 

Според тоа, штетите се на грбот на граѓаните, бидејќи општинската каса се полни со пари од даноците на прилепчани. Затоа најавувам и одговорно тврдам дека ЈКП ВИК во иднина, без оглед на партиската припадност на должниците, без оглед на изборните циклуси, ќе ги превзема сите мерки за регуларна наплата на побарувањата во законски рок.

 

Покрај редовната достава на опомени, согласно со законот за снабдување со вода за пиење и одведување на отпадни води против должниците ќе бидат навреме поднесувани тужби.

 

ЈКП ВИК нема да ги дискриминира одговорните пред неодговорните граѓани. Водата е елементарен услов за живот, но и ресурс со кој што стопанисува ЈКП ВИК и ја плаќа секоја капка вода од Студенчица. Каква било одговорност не е дозволена!“, истакна Јанески на прес конференцијата.

 

 

На новинарски прашања, директорот на ЈКП ВИК истакна наплатата во моментот е добра, но може да биде и подобра и притоа додаде дека наплатата во претходната година се движела околу 97-98%. Претпријатието е финансиски стабилно и редовно се сервисираат сите обврски.

 

„Неплаќање не треба воопшто да има, за да не се доведе до прашање финансиската ликвидност на претпријатието. Неплаќањето ниту на институциите, ниту на фирмите, ниту на граѓаните нема да биде толерирана во иднина, без огледа дали ќе има изборни циклуси или не. Има претпријатија кои не плаќале бидејќи нивните раководства не биле одговорни. Затворот е тужен за два милиони денари и е пред извршување. Општината исто така е во долг од 1 милион денари, а во исто време дава 40 милиони денари субвенции на комуналец, иако нивната наплата е исто 98%, а фактурните вредности им се многу повисоки од нашите. Доколку има опасност да застари долгот на општината, и таа ќе биде тужена“, додаде Јанески.

 

Околу губитоците на вода директорот истакна дека има 50% загуба на водата која што пристигнува од Студенчица.

 

„Инсталацијата водоводно до Прилеп ја одржува и за неа одговара јавното комунално претпријатие Студенчица, кое е во државна сопственост. Ние немаме ингиренции да одиме во други општини и да ги решаваме проблемите. Има спогодба со која што Студенчица е должна да одделува количевство на вода по општините, согласно бројот на жители. 47% проценти е бројот на жители на Прилеп, од вкупниот број на жители на општините кои ги опслужува Студенчица. Инсистираме тоа да се почитува, да се доставуваат бараните количевства на вода, со цел да ги задоволиме потребите на граѓаните на Општина Прилеп. Во иднина треба да се направи стратегија за дополнителни количевства на вода. Сепак не можеме да претпоставиме што може да се случува во наредните 20-30 години и кој можи да се снабдува од Студенчица, но тоа не е наша надлежност.  Пред да дојдам на оваа функција Студенчица доставуваше 60-70 литри во секунда за Прилеп. Откако дојдов, ги скрати секаде количините и во овој момент купуваме над 200 литри. Дури имаме и прелив, кој што го доставуваме до Прилепско поле во вештачкото езеро. Но сепак ние треба да се подготвуваме за дополнителни количини на вода, не само од Студенчица и бунарите, со кои носиме дополнителни количини на вода кога ќе има намалена издашност на Студенчица, туку и од други извори и јас ве уверувам дека се размислува во тој правец“, потенцираше Јанески.

 

 

Меѓутоа Јанески дополни дека мора да се истакне дека губитоците не се само во излевање, туку се и административни.

 

„Парите од граѓаните треба да се вложуваат во инвестиции и напредок на претпријатието. Во моментов имаме проект за ГИС систем со кој ќе се идентификуваат загубите на вода. Сè што можеме да направиме за да ги намалиме губитоците, ние ќе го направиме. Меѓутоа губитоците не се само во излевање, тие се и административни, а под административни се подразбира неплаќањето на сметките. Водовод е комерцијално претпријатие, се самофинансира од наплатата. Околу 400 домаќинства од населбата Тризла не плаќаат за вода. Во моментов Водовод нема податоци за тоа кој е социјален корисник, ниту има обврска да ги има. Ако сака некако држава да помогни има начини, преку Центарот за социјални грижи, преку субвенции на општината, државата да ги превземи обврските… значи има повеќе начини. Но Водовод и канализација како јавно претпријатие не можи да ги толерира. Согласно законот за води, ние исто како и дистрибуцијата на струја, имаме право да ги превземеме сите законски можности во рамките на позитивната регулатива за да си го наплатиме побарувањето. На располагање во моментот имаме две можности: да тужиме и да исклучуваме. Каква мерка ќе превземиме, ќе зависи од нашата одлука за ситуацијата во дадениот момент. Ако има граѓани кои не плаќаат, наша обврска е да најдиме начин истите да ги подмират обврските. Бидејќи ако продолжи трендот на неплаќање и јавното претпријатие се доведи во лоша финансиска ситуација, ќе се доведи во прашање и водоснабдувањето на цел град. Битни се подеднакво сите граѓани, без дискриминација“, истакна Јанески.

 

Јанески зборуваше и за грантот од КФЦ банката со кој што се реконструираше водоводната мрежа во Прилеп.

 

„Големи средства на европски пари се потрошени за да се смени водоводната мрежа низ градот. 10 милиони средства од КФЦ банката и уште 20 милиони евра преку донации од ИПА или државата, но многу малку е направено за тие потрошени пари. Со тие 30 милиони евра, променети се само 40 километри водоводна мрежа со сопствени средства, од вкупно 239 километри. Значи многу неодговорно се работело во претходниот период, особено од страна на општината, бидејќи таа конкурира и ги добива проектите. Технолошки во овој момент, јавното претпријатие не е во завидна состојба. Ние имаме поставено само 400 дигитални водомери, од вкупно 26 000 водомери, од кои 24 000 се на домаќинства, а над 2000 на правни субјекти. Сите други јавни претпријатија во државава имаат повеќе од нас. Сите средства кои се планираат за развој треба да бидат потрошени за развој. Тоа значи намалување на губитоците на вода, намалување на фиксните трошоци итн. “

 

Според Јанески цената на водата за 2018 година ќе остане иста, иако регулаторна комисија одобрила зголемување на цената на суровата вода од Студенчица од 1.8 денари на 2.97 денари.

 

„Нема да ја зголемиме цената на водата, со што ќе се намали регулираниот приход на претпријатието, па затоа сакаме да ја подобриме наплатата. Цената што ни е определена од регулаторна комисија во моментов е намалена за 15%. Регулаторна комисија ни определува цена во моментов од околу 29.8 денари, а ние остануваме на 26.22 денари за кубен литар вода, што значи има намалување за околу 3 денари во актуелната цена. Ова го правиме на трошок на јавното комунално претпријатие, а во интерес на граѓаните на Прилеп. Но сепак,мора да се нагласи дека тоа ќе значи помалку средства за инвестиции и развој во иднина“, рече Јанески.

 

Според Јанески, водоснабдувањето на Прилеп во моментов е стабилно. Издашноста на Студенчица е добра, над 1000 литри во секунда, од кои над 200 литри во секунда добива Прилеп и се очекува тоа да продолжи и во наредниот период.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

WP-Backgrounds Lite by InoPlugs Web Design and Juwelier Schönmann 1010 Wien