Владата ќе воведе социјална пензија

Старосна пензија ќе добиваат сите жени и мажи кои ќе наполнат 65 години, а не ги исполнуваат условите, односно немаат 15 години работен стаж. Право на државна пензија ќе имаат граѓаните кои во последните 20 години живееле во Македонија и во моментот немаат други приходи. На почетокот, таа ќе биде во висина од 40 отсто од просечната старосна пензија, што пресметано во моментов е околу 5.300 денари.

 

Оваа новина е предвидена со Програмата за работа на Владата на Република Македонија 2017-2020 година, а мерката треба да се имплементира до 2020 година.

 

Од Министерството за труд и социјална политика информираат дека овој проект бил презентиран уште на почетокот на декември, лани, на седница на Советот за социјална сигурност и во моментов се прибираат и анализираат податоците, по што во најкраток период ќе достават предлог-решенија за воведување на овој вид на пензија.

 

„За реализација на оваа мерка потребна е анализа со која ќе се дефинира опфатот на граѓани и тоа, граѓани кои живеат на територија на Република Македонија имаат македонско државјанство и имаат живеалиште на територијата на државата. Исто така, целта е да се опфатат и граѓани кои веќе имале период на осигурување и определен период на работен стаж во Република Македонија, но тој стаж е под 15 години и немаат стаж на осигурување во друга држава со која Република Македонија применува договор за социјално осигурување или, пак, со странскиот пензиски стаж и македонскиот пензиски стаж не ги исполнува условите за старосна пензија“, информираат од Труд и социјала.

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

WP-Backgrounds Lite by InoPlugs Web Design and Juwelier Schönmann 1010 Wien