Турски ѓубреџии направија библиотека од фрлени книги

Ѓубреџии во турскиот главен град Анкара отворија јавна библиотека во која се наоѓаат книги фрлени на отпад. Библиотеката, која се наоѓа во дистриктот Чанкаја во Анкара, е основана откако ѓубрарите почнале да собираат флени книги.

 

Со месеци тие ги собирале книгите, а откако се дознало за нивната акција, граѓани почнале да им донираат. Првично, книгите биле наменети само за вработените и нивните семејства. Но, како што се зголемувала колекцијата и интересот низ заедницата, библиотеката во септември, минатата година, беше отворена и за јавноста.

 

„Почнавме да дискутираме за идејата да создадеме библиотека од овие книги. Кога луѓето го поддржаа тоа, се случи и проектот“, вели градоначалникот на Чанкаја, Алпер Тасделен.

 

Денес, библиотеката има над 6.000 книги од најразлични жанрови. Исто така, има и детски оддел со стрипови, а има и целосен сектор за научни истражувања. Во неа може да се најдат и книги на англиски и на француски јазик.

 

Библиотеката се наоѓа во поранешна зграда на фабрика за тули во седиштето на одделот за комунална хигиена. Книгите што се позајмуваат треба да се вратат во рок од две недели, но тој рок може да се продолжи ако е потребно.

 

„Од една страна, беа оние кои ги фрлаа своите книги на улиците. Од друга страна, имаше некои кои ги бараа овие книги“, изјави Тасделен.

 

Колекцијата толку се зголемила, што денес од неа позајмуваат и училишта, образовни програми, па дури и затворите.

 

Градските власти вработија и една личност со полно работно време за да управува со библиотеката.

 

Во библиотеката има и просторија за оние кои сакаат да седнат и да читаат книга, како и табли за шах. Библиотеката е особено позната меѓу велосипедистите кои возат во близина и прават пауза за краток одмор и шолја чај.

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи