ВИДЕО – Талевски : Доколку советничката група на ВМРО-ДПМНЕ сака бојкот тогаш нека се откажат од паричниот надоместок

И денешната 8-ма по ред седница на Советот на Општина Прилеп беше бојкотирана од страна на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ во знак на поддршка на како што кажаа неосновано притворените лица од настаните на 27 април. Претседателот на Советот Миле Талевски ова го нарече уште еден деструктивен чин на ВМРО-ДПМНЕ.

 

 

„Денеска Советот на Општина Прилеп беше сведок на уште едно деструктивно однесување на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ. Јас како Претседател на секоја седница ги повикувам да работат во интерес на граѓаните затоа што се платени од нивни пари и од нивна страна. Тие се изгласани и избрани од граѓаните на Општина Прилеп. Тие не го бојкотираат Советот на Општина Прилеп затоа што доаѓаат на седниците, се потпишуваат и со тоа тие го добиваат тој надоместок кој законски им следува. Доколку искрено сакаат да го бојкотираат Советот ги повикав да се откажат од надоместокот кој го добиваат. Тие земаат надоместок но не даваат никаков придонес во работата на Советот. Уште еднаш како прв меѓу еднаквите тука ги повикувам да се вратат и да работат во интерес на граѓанитена Општина Прилеп или пак крајно да се изјаснат дали бојкотираат или доаѓаат тука само да си ги земат паричните паушали“, истакна Миле Талевски, претседател на Совет на Општиина Прилеп.

 

Инаку секој член на Советот на Општина Прилеп добива 70% од последната просечна плата исплатена во последната година. Тоа значи дека советниците земаат месечен паушал од околу 15.000 денари. Ако не се присуствува на седниците се губи ова право на надоместок.

 

Инаку на денешната седница се донесоа повеќе одлуки меѓу кои дека на пензионерите, односно жените со навршени 62 години и мажите со навршени 64 години ќе бидат ослободени од плаќање на јавниот градски превоз во период од 9 до 11 часот секој работен ден. Пензионерите нема потреба да вадат дополнителни документи за ова туку ќе треба само во автобусот да ја приложат својата лична карта како доказ за нивната возраст.

 

Советот донесе и предлог извештај за работата на Советот за 2017 година и Предлог Програма за работа на Советот на Општина Прилеп за 2018 година.

 

„Го изгласавме и финансискиот план на ЈОУ за детската градинка „Наша иднина“, се донесе планот за одобрување на вработувања во Домот за стари лица „Киро Крстески – Платник“ и градската библиотека „Борка Талески“. Се донесоа и плановите и програмите кои беа на предлог на ЈКП „Комуналец“ – Прилеп за одржување градските гробишта, за користење на парковските површини, програмата за управување со отпад на територијата на Општина Прилеп, тоа се редовни процедури кои доаѓаат до Советот на општината се со цел да се одобрат средства на ЈКП „Комуналец“, истакна Талевски.

 

На седницата беа изгласани и одлуките за утврдување на потреба за поставување на урбана опрема и за условите, начинот и постапката за издавање на одобренија за поставување на урбана опрема. Утврдување на критериумите и стандардите за поставување на урбана опрема на подрачјето на Општина Прилеп, како и предлог-програмата за измена и дополнување на програмата за изработка на урбанистички планови на територијата на Општина Прилеп за 2018 година.

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.