ВИДЕО : Општина Прилеп се уште нема одлучено дали ќе прави училиште во населбата „Сточен пазар“

Општина Прилеп се уште нема одлучено што ќе прави со објектот кој што градеше претходната локална самоуправа, во населбата „Сточен пазар“, а кој требаше да прерасне во подрачно училиште на ООУ „Рампо Левката“. На прашањето кое Инфо Компас го постави до Општина Прилеп  : Што ќе се случува понатаму со овој објект и дали населбата „Сточен пазар“ конечно ќе добие училиште, од таму ни одговорија дека за тоа ќе одлучеле жителите на населбата.

 

 

„Каква ќе биде намената на недоизградениот објект во населбата „Сточен пазар“ во Прилеп, ќе одлучат жителите на оваа населба. Наскоро градоначалникот Илија Јованоски ќе оствари непосредна средба, за да ги чуе повторно нивните барања и потреби. Во таа насока ќе продолжи и изградбата на овој објект, којшто во зависност од намената треба да исполнува и соодветни критериуми и стандарди. Дури потоа ќе биде позната финансиската конструкција, а во тие рамки и деталното уредување на просторот во непосредната околина“, велат од Општина Прилеп.

 

Објектот е скоро изграден, но за да профункционира како училиште потребно е да се изгради пристапен пат до училиштето, хортикултурно да се уреди дворот, да се огради и уреди речното корито кое се наоѓа на само неколку метри од објектот и да се изгради пешачки мост кој што би ги спојувал населбите „Сточен пазар“ и „Жабино маало“.

 

Жителите од населбата „Сточен пазар“ се поделени околу ставот дали локацијата на ова училиште е добра или не, но сите велат дека овој објект треба да биде училиште затоа што тоа е многу потребно. Сега учениците со автобуси се носеле до ООУ „Климент Охридски“ и ООУ „Рампо Левката“.

 

„Училиштето како училиште си е во ред, локацијата е добра, само околината треба да се среди. Речното корито да се исчисти, да се загради, но пред се најважно е да се исчисти реката бидејќи сепак ќе учат таму деца. Училиштето е многу потребно. Сега децава одат во ООУ „Рампо Левката“ и сега автобусот кој ги превезува ги носи, но не секогаш и ги враќа“, вели еден жител на „Сточен пазар“.

 

„Училиштето е потребно, има многу ученици во населбава, за во „Рампо Левката“ со превозот еднаш има, еднаш нема и затоа најдобро е тука да има училиште. Уште и градинка да отворат ќе биде уште поубава населбава. Локацијата можеби за некого не е добра, но прашање е сега дали во тој момент имало слободно друго државно земјиште. Но дека училиштето е потребно е потребно“, кажа друг жител на „Сточен пазар“.

 

„Училиштето ни треба, само малку локацијата малку не е добра. Имаме доста деца во населбава, се што се гради е добро. Само треба сега да се среди локацијата околу училиштето. Пред да започнат да градат нас како жители никој не не праша, ни кажаа дека ќе имаме училиште кога започна да се гради“, кажа трет жител на „Сточен пазар“.

 

„Училиштето е добро за учениците, треба да имаме тука училиште. Но не е добро пример ако сега еве јас имам внука која е 4-то одделение и учи во „Рампо Левката“ и сега за една година да треба да се врати назад тука. Инаку локацијата не е добра, требаше да биде направено кај базана, таму има и пат и се“, изјави една жителка на „Сточен пазар“.

 

Според претходната локална самоуправа во ова училиште требаше да учат околу 150 деца до 5 одделение од овие две населби и целокупната инвестиција заедно со уредување на дворното место требаше да чини над 10 милиони денари. Исто така претходната локална власт најавуваше дека училиштето треба да биде готово на почетокот од оваа година.

 

Но сега останува отворено прашањето дали „Сточен пазар“ воопшто ќе добие училиште или Општината објектот ќе го пренамени во други цели.

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

WP-Backgrounds Lite by InoPlugs Web Design and Juwelier Schönmann 1010 Wien