Могерини: ЕУ издвои 42.5 милиони евра за „демократска и одговорна“ палестинска држава

Високата претставничка на ЕУ за надворешна и безбедносна политика Федерика Могерини денеска ги повика САД да не се обидуваат на своја рака да постигнат мировен договор меѓу Израел и Палестинците.

 

Според Могерини, мировен договор не е возможен без поддршката на САД, но исто така не е возможен доколку само Вашингтон работи за негово постигнување.

 

Могерни денеска организираше итен состанок на Комитетот за координирање на помошта на палестинскиот народ и оцени дека сега владеат тешки денови за израелско-палестинските односи. Таа истакна дека ЕУ се согласи да издвои дополнителни 42.5 милиони евра за изградба на „демократска и одговорна“ палестинска држава.

 

„Парите се наменети за активности во источен Ерусалим и ќе помогнат за изградба на палестинската држава преку политички реформи, намалување на долгот, поддршка на претпријатијата и палестинското граѓанско општество, како и за пристап до вода и енергија“, изјави Могерини пред преговорите во Брисел за блискоисточниот мировен процес со учество на израелски, палестински, американски и арпски претставници.

 

Могерини се сретна со палестинскиот премиер Рами Хамдала, средба која предизвика шпекулации дека Палестинците бараат ЕУ да ја преземе водечката улога во преговорите и да ги замени САД.

 

Брисел се конфронтираше со Вашингтон и по прашањето на признавањето на Ерусалим како главен град на Израел и одлуката на претседателот Доналд Трамп да ја премести американската Амбасада.

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

WP-Backgrounds Lite by InoPlugs Web Design and Juwelier Schönmann 1010 Wien