ВИДЕО – Комплетно уништена туристичката патека „Крал Марко“ во населбата Варош во Прилеп

Ова е катастрофалната слика во која моментално се наоѓа туристичката патека „Крал Марко“, во најстарата населба Варош во Прилеп. Патеката веќе неколку години е оставена на забот на времето, без никакви интервенции од надлежните органи.

 

 

На дел од неа компленто се искршени камените плочи, уништени се поголем дел од канделабрите кои ја осветлуваа, патоказите за историјатот на „Маркови Кули“ повеќе не постојат, амфитеатарот, кој исто така е во состав на патеката, е со искршени клупи, ѕидови уништени со погрдни графити, дупки на сите страни. Жално е што најрепрезентативниот и најстариот дел на градот личи како на сцени од хорор филм.

 

Патеката заедно со амфитеатарот се изградија во 2007-ма година и се реализираа како дел од проектот „Варош, културна гордост – ревитализација на комплексот Маркови кули“.

 

Патеката ги поврзува постојните споменици од сакралната и профаната архитектура, како што се црквите Св. Димитрија, Св. Никола, Св.Богородица Пречиста, Св. Атанасиј, манастирот Св. Архангел Михаил и средновековните тврдини во должина од 1.000 метри. Истата е изработена од природен материјал – камени плочи. Покрај патеката порано имаше поставени канделабри, клупи за одмор на туристите, корпи за отпадоци и информативни табли. Сега од тоа нема ништо.

 

Жителите велат дека срамна е оваа слика која особено ја гледале многубројните туристи кои ги посетуваат „Марковите Кули“ и црквите во Варош. Бараат итна интервенција на локалната самоуправа.

 

„Патеката е во катастрофална состојба, на делови од неа неможеш ниту да се движиш, ќе си ги искршиш нозете. Се е уништено, канделбарите не светат, корпите за отпадоци ги нема и тие се искршени, а тука застануваат цели автобуси со туристи. Од тоа што нема каде го фрлат ѓубрето, бидејќи нема корпи, тие го фрлаат низ населбата. Патеката мора под итно да биде поправена“, велат жителите на населбата Варош.

 

 

Вчера Инфо Компас објави дека новооткриената населба „Колобаиса“ кај манастирот Трескавец нуди можност биогеографската целина „Маркови Кули“ да претендира да се внесе на постојаната листа на заштита на УНЕСКО. Тоа досега беше оневозможено поради девастираните културни содржини кои не можеа вистински да бидат валоризирани на просторот на населбата Варош и затоа „Маркови Кули“ моментално е ставен само на привремената листа на заштита на УНЕСКО. Инаку оваа целина „Маркови Кули“ се протега од населбата Варош кај Прилеп до Горно село и од селото Мажучиште до вештачкото езеро.

 

Токму поради сето ова и големиот број на туристи кои доаѓаат тука потребна е брза и ефикасна интервенција за да се врати патеката во својата првобитна состојба кога беше еден од препознатливите белези на Прилеп.

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи