ВИДЕО – Селмани: Ако 1% од она што го слушнав вечерва за притисоците врз медиумите во Прилеп е вистина, тоа е страшно!

Во обид да ги смири тензиите, јавните преписки и препукувања кои веќе подолг период се случуваат помеѓу прилепските новинари на социјалните мрежи и локалните медиуми, вечерва со прилепската новинарска фела состанок одржа претседателот на ЗНМ, Насер Селмани. Селмани на прилепските новинари им порача дека треба да имаат поголема солидарност и единство затоа што поделбата која што некој сакал да ја создаде меѓу новинарите, не била во нивен интерес.

 

Дел од новинарите и медиумите во Прилеп на претседателот на ЗНМ му се пожалија дека трпеле притисоци од локалната власт и локалните функционери, на што тој потенцираше дека и ако само еден посто од она што го слушнал било вистина тогаш тоа било страшно.

 

Селмани рече дека ќе ги испита овие случаи дали се вистинити и дека од понеделник ќе барал средби и на централно и на локално ниво, а ќе го алармирал и меѓународниот фактор.

 

 

Изјава на Насер Селмани дадена по состанокот ја пренесуваме во целост.

 

 

„Вечерва сум во Прилеп, бидејќи сакав да се видам со колегите, да ги слушнам нивните проблеми и се разбира да се договориме во иднина како можеме заедно да се справуваме со заедничките проблеми. Јас денеска посебно дојдов во Прилеп за да ги повикам колегите на една поголема солидарност, единство, затоа што без разлика на нашите разлики кои што ги имаме како новинари, како луѓе, како граѓани, мислам дека е од суштинско значење, за да бидеме поуспешни во одбрана на нашите права и слободи, да научиме да зборуваме со еден глас. Затоа што поделбата која што некој сака да ја создаде меѓу новинарите, не е во интерес на новинарите. Тие новинари кои што нема да го следат овој повик за единство, за солидарност, практично сами ќе се дистанцираат од новинарската агенда и фела.

 

Денеска, она што го слушнав во Прилеп, не можам да не кажам дека сум длабоко разочаран од притисоците на кои се изложени колегите. Ако еден посто од она што јас денеска го слушнав овде е вистина, како локалната самоуправа или Општината, или луѓето во Општината се однесуваат кон локалните медиуми во Прилеп, ако еден посто е точно, тоа е страшно. Јас и заедно ние како ЗНМ веќе од понеделник ќе барам средби и на централно и на локално ниво, ќе го алармирам и меѓународниот фактор и овој притисок врз кој што се изложени медиумите во Прилеп мора веднаш да престане. Ако не, тогаш ќе проговориме јавно.

 

И оние кои што мислат дека можат да ги замолчат медиумите, нека знаат дека тоа не се случило во изминатите 10 или 20 години, и нема да успеат и овие новите. Така да  мислам дека во интерес на сите е сите да се воздржат, да бидат на ниво на нивните задачи и одговорности. Локалната заедница, локалната самоуправа и Општина Прилеп мора да бидат отворени кон новинарите. Не смее селективно да се однесува кон нив, и не смее на нив да им изготвува прилози и медиумите и новинарите да ги претвори или да ги инструментализира за политички интереси.

 

Повикувам уште еднаш тие притисоци веднаш да престанат, инаку ние како здружение ќе направиме сè таа вистина да ја знае секој граѓанин во Република Македонија, а ќе ја алармираме и меѓународната заедница“, истакна Насер Селмани, претседател на ЗНМ.

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи