Владеењето на правото назадува

Facebook
Twitter
Email
Print

Светскиот проект за правда (СПП) од Вашингтон, на крајот од јануари ги објави резултатите за индексот за владеењето на правото во периодот од 2017 до 2018 со кој се мери придржувањето кон владеењето на правото во 113 земји во светот.

 

Со оглед на основните податоци, индексот за владеењето на правото СПП го определува преку осум фактори: ограничувања на владините овластувања, отсуство на корупција, отворена влада, фундаментални права, редот и безбедноста, регулаторната примена, граѓанската правда и кривичната правда.

Според ова истражување, Македонија падна за три позиции во целокупното извршување на владеењето на правото, од 54-то место во 2016 година на 57-та позиција во периодот 2017-2018 година. Ваквиот резултат ја сместува Македонија меѓу првите три земји (од 13) во регионот на Источна Европа и Централна Азија и на 16-то место од 36-те земјите со повисок просечен приход.

Земјите што се категоризирани во регионот на Источна Европа и на Централна Азија се: Албанија, Белорусија, Босна и Херцеговина, Грузија, Казахстан, Киргизија, Македонија, Молдавија, Русија, Србија, Турција, Украина и Узбекистан.

Во категоријата земји со повисок просечен приход се наброени: Албанија, Аргентина, Белорусија, Белизе, Босна и Херцеговина, Боцвана, Бразил, Бугарија, Кина, Колумбија, Костарика, Хрватска, Доминика, Доминиканска Република, Еквадор, Гренада, Гвајана, Иран, Јамајка, Казахстан, Либан, Македонија, Малезија, Мексико, Панама, Перу, Романија, Русија, Србија, Јужноафриканска Република, островската држава Света Луција, Свети Винсент и Гренадини, Суринам, Тајланд, Турција и Венецуела.

Со најдобри резултати во постигнувањето на индексот за владеењето на правото во ова истражување се Данска, Норвешка и Финска. Трите земји што се најдоа на дното на листата се Авганистан, Камбоџа и Венецуела.

На глобално ниво, повеќето земји од целиот свет забележаа пад во своите резултати од објавувањето на последниот извештај во октомври 2016 година и тоа во областите на човековите права, проверките на владините овластувања, како и на граѓанската и кривичната правда.

Регионално, според индексот за владеењето на правото, лидер во Источна Европа и во Централна Азија е Грузија, која се рангираше на 38-то место од вкупно 113 земји во светот, кои биле земени предвид во истражувањето. Сепак, и Грузија падна за 4 позиции од 2016 година. Казахстан покажа најголемо подобрување во рангирањето, искачувајќи се за девет позиции во индексирањето и се најде на 64-то место во светот, додека Белорусија падна за 8 места и сега е на 65-то место. Регионот покажа општ пад на резултатите, во категориите за отвореноста на владите и за фундаменталните права, со негативни фактори во трендовите во 4 земји, како и во 3 земји според категоризацијата – повисок просечен приход. Во исто време, регионот покажа општо подобрување во резултатите од редот и безбедноста, при што четирите земји во регионот доживеаја тренд на пораст на факторот во таа област.

Индексот за владеењето на правото е водечки извор во светот за оригинални податоци за владеењето на правото. Индексот се потпира на повеќе од 110.000 домаќинства и 3.000 стручни истражувања за мерење на тоа како владеењето на правото се доживува и се гледа во практичните, секојдневни ситуации од страна на пошироката јавност во светот. Перформансите се мерат со помош на 44 индикатори низ осумте главни фактори за владеењето на правото, од кои секоја е постигната и рангирана на глобално ниво, но и со споредба на регионално ниво, како и според приходите. Главните осум фактори, за кои се спроведува истражувањето се ограничувања на владините овластувања, отсуство на корупција, отворена влада, фундаментални права, ред и безбедност, регулаторно извршување, граѓанска правда и кривична правда.

„Ефективното владеење на правото е основа за заедниците на еднаквост, можности и мир. Ниту една земја не постигна совршена реализација на владеењето на правото. Индексот на владеењето на правото на СПП е наменет да биде прв чекор во поставувањето на одредниците, информирањето за реформите, стимулирањето на програмите и продлабочување на разбирањето за основната важност на владеењето на правото“, вели Вилијам Х. Неуком, основач и извршен директор на СПП.

Како е рангирана Македонија

– Во категоријата ограничување на владините овластувања, од 13 земји во регионот, Македонија е на 7-то место, а во оценувањето според приходот на 28-то место, од 36 земји во конкуренција, додека глобално е на 89-то место од 113 земји влезени во истражувањето.

– Според отсуството на корупција, регионално, Македонија е на 4-то место, според приходот на 19-то место, додека глобално е на 60-то место.

– Во однос на отвореноста на Владата, Македонија е на 5-то место во регионот, 19-та во категоријата според приходите и на 64-то место на глобално ниво.

 

– Во оцената на фундаменталните права, Македонија, регионално е позиционирана на 6-то место, според приходите на 22-то место, додека глобално е на 66-то место.

 

– Во категоријата ред и безбедност, во регионални рамки, Македонија е на 5-то место, категоризирана според приходот на 6-то место, додека глобално е на 35-то место.

 

-Според регулаторното извршување, земјата е на 7-то место во регионот, на 28-то според категоријата земји со повисок просечен приход и глобално на 77-то место.

 

– Според спроведувањето на граѓанската правда, регионалната позиција на Македонија е на второ место, во категоријата според приходот е на 12-то место, а глобално на 48-то место.

 

– Во спроведувањето на кривичната правда, Македонија во регионот е на 4-то место, меѓу земјите со сличен приход на 16-то, додека глобално е на 56-то место.

 

Извор: НМ

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи