Македонското општество останува длабоко поделено по етнички и јазични основи и крајно време е политичките лидери да осмислат стратегија за интеграција, за надминување на овие поделби, вели комесарот за човекови права на Советот на Европа Нилс Муижниекс, кој денеска ја заврши петдневната посета на Македонија.
Според Муижниекс расте поделеноста меѓу етничките македонски и албански деца, а сепарацијата раѓа недоверба , стереотипи и предрасуди. Тој заклучува дека Охридскиот рамковен договор го запрел конфликтот во 2001 година, но не придонел за социјална кохезија во општетството.
„Охридскиот рамковен договор го запре конфликот, но не создаде кохезивно општество. Проeктите не можат да бидат замена за политиките, вам ви треба политика и долгорочна визија за тоа каде сакате да биде вашата земја за 10, 15 години. Севкупната атмосфера во сферата на човековите права е позитивна. Владата испраќа пораки за инклузивност, така што мислам дека сега е време да се отвори таа дебата за тоа каде ја гледате вашата земја на долг рок,“ изјави Муижниекс.
Во однос на Законот за употреба на јазиците еврокомесарот вели дека чека да ги види наодите на Венецијанската комисија, но потенцира дека таа ќе ја оценува уставноста на законот откако е тој веќе усвоен, а не претходно како што е вообичаената пракса.
„Обично на малите групи им треба заштита, поттик и внимание за да го зачуваат својот индентитет, затоа што големите групи обично успеваат да се погрижат сами за себе. Слушнав спротиставени толкувања на ова. Според некои ова ќе ослободи нови креативни енергии и ќе им овозможи на луѓето конечно да се чувствуваат дека припаѓаат тука. Спротивното гледање е дека ќе ги закопа јазичните и етничките ровови уште подлабоко. Искрено се сомневам дека мислењето на Венецијанската Комисија ќе ви помогне да утврдите дали овој закон го прави едното или другото. Затоа препорачувам да се консултирате со други меѓународни тела како што се Високиот комесар на ОБСЕ за национални малцинства, Рамковната конвенција за национални малцинства на Советот на Европа зошто тие имаат повеќе искуства со интеретничките односи, јазичните политики итн и тие можат да ви бидат многу покорисни“, изјави Муижниекс.
Политиката ја посочи како директен виновник за продлабочувањето на поделеноста.