Отворена е предистражна постапка за злоупотребите на АКМИС системот по судовите

Facebook
Twitter
Email
Print

Скопското јавно обвинителство отворило предистражна постапка во врска со извештајот на работната група на Министерството за правда за злоупотреби на Автоматизираниот компјутерски систем за управување со судските предмети (АКМИС) во судовите, потврдил државниот јавен обвинител, Љубомир Јовески за „СДК.мк“.

 

„Во врска со неправилностите во електронската распределба на предметите кај судии што ги воочила групата експерти при министерството за правда,  при извршените контроли во Основниот суд Скопје 1, во Врховниот и во други судови, можам да ви потврдам дека се води предистражна постапка и во оваа фаза таа е тајна“, одговори Јовески.

 

Контроли биле вршени во Основниот суд Скопје 1, во Врховниот суд и во други судови. Со овие злоупотреби всушност биле местени одредени судски предмети и давани на рака на подобни судии.

 

„Исклучувањето на судиите од автоматската распределба на предметите се вршело без изготвување на писмена одлука, наредба и без образложена причина. Тоа се правело само со параф на претседателот на судот и со телефонско јавување во судската писарница.“, рече министерот за правда Билен Саљији пред да му го прати извештајот на јавниот обвинител Љубомир Јовески.

 

АКМИС е систем во судовите кој треба да гарантира автоматизирана распределба на предметите кога ќе стигнат во судовите. Експертскиот тим од министерството за правда нотираше бројни злоупотреби, што може да повлече кривична одговорност за судиии или други лица ако се докаже дека намерно делеле предмети на рака кај одредени судии.

 

Со контролата на министерството беше опфатен периодот од 2015 и 2016 година, а тогаш на претседателските столчиња во Кривичниот суд седеа Владимир Панчевски, Татјана Михајлова и Стојанче Рибарев. Во Врховниот суд пак во тој период беа Снежана Бајлозова, Лидија Неделкова и актуелниот претседател Јово Вангеловски.

 

Тоа што обвинителството сега треба да го утврди е каква одговорност ќе носи оваа злоупотреба, односно учесниците ќе треба да одговараат кривично.

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи