ВИДЕО – Јованоски : Екс директорот на „Комуналец“ го оштетил ова јавно претријатие за 500.000 евра

Досегашниот директор на ЈКП „Комуналец“, Златко Ристески, прв братучед на поранешниот градоначалник Марјан Ристески, го оштетил ова јавно претпријатие за половина милион евра. Истакна на денешната прес конференција Ѕвонко Јованоски, в.д. директор на ЈКП „Комуналец“ Прилеп.

 

 

Прес конференцијата ја пренесуваме во целост.

 

 

„Имено во изборните години, од јули 2011 до јуни 2012 година и во текот на целата 2016 година Ристески не поднесувал тужби против домаќинствата кои што не плаќале сметки.  Своеволно спротивно на законот, Ристески им го променил долгот на одделни домаќинства, околу 6.800 коминтенти на број, а претпријатието го оштетил само по овој основ за над 10 милиони денари.

 

Од друга страна, спротивно на Законот за работни односи и Колективниот договор не им исплаќал на вработените одредени надоместоци. Вкупно 170 од 350 вработени, го тужеле јавното претпријатие континуирано од 2012 година. Оттогаш до крајот на минатата година Ристески создал долг на „Комуналец“ во висина од 47 милиони денари. Од нив 21 милион денари се за камати, судски трошоци, адвокати и извршители. Ако плаќал навреме секако дека немало да ги создаде овие штети на „Комуналец“.

 

„Комуналец“ пак добивал од општинската каса високи годишни субвенции од 40 милиони денари, пари коишто практично Ристески ги трошел за покривање на штетите кои сам ги создавал.

 

Од една страна Златко Ристески создавал штети, од друга страна Марјан Ристески со пари од граѓаните му ги покривал штетите на својот братучед.

 

Најоштетени се пак граѓаните и „Комуналец“. Затоа што сега сметката на „Комуналец“ е блокирана за околу 800.000 денари, поради наплата на извршни решенија на вработените.

 

Но, Ристески не ги плаќал ни обврските на „Комуналец“ кон доверителите со што создал долг од околу 25 милиони денари. Се работи за познати фирми, редовни соработници на Општината и јавните претпријатија:

 

  • Новоградба, со побарување од 3,7 милиони денари,
  • Електро Точила, со побарување од 3,1 милион денари
  • Иман Компани, со побарување од 2 милиони денари

 

 

Ова е само мал дел од беззаконието на Златко Ристески. Секојдневно од моето доаѓање за в.д. директор на ова јавно претпријатие откривам нови дубиози.

 

Јавноста наскоро ќе биде информирана за штетите што Златко Ристески ги предизвикал на „Комуналец“ со набавката на линијата за секундарна селекција на отпад. А потоа ќе бидете информирани и за изградбата на халата за секундарна селекција на отпад во Алинци, но за тоа ќе информираме кога ќе имаме подетални информации. Ќе се направи ревизија за се досега што е изработено како армирачко-бетонските работи така и за челичната конструкција. За да се види дали халата е градена по сите стандарди и прописи, а исто така ќе се направи и ревизија по основ на опремата која е купена од „Техникс“, Хрватска, а која 5 години лежи во магацините на „Комуналец“ изложена на временски непогоди. Ќе се изврши проценка колку и дали таа линија е во употреба, а која чини околу 250.000 евра“, истакна Ѕвонко Јованоски, в.д. директор на ЈКП „Комуналец“ Прилеп.

 

 

Јованоски потенцираше дека во „Комуналец“ има вработено 340 лица од кои 35 со договори. Се надева дека и покрај блокираната сметка на претпријатието дека редовно ќе се поминуваат платите за вработените.

 

„Програмата за управување со отпад и програмата за јавна чистота веќе помина на последната седница на Советот на Општина Прилеп. Треба сега со локалната самоуправа да склучиме договор за овие работи кои ги извршуваме за да може да започнеме да ги повлекуваме средствата од локалната самоуправа. Досега немаме повлечено никакви парични средства, а успеавме првата плата да ја поминиме. Значи како сработуваме, испраќаме фактури до локалната самоуправа и ги повлекуваме тие средства“, додаде Јованоски.

 

На новинарско прашање како сега се одржува Паркот на Револуцијата, кој е најголем парк во Прилеп, Јованоски рече дека се одржува тековно по програмата за одржување на јавно прометни површини. Сега имало 34 вработени кои имале договор преку агенција за привремени вработувања до 31.12.2017 година, кој им завршил и сега ќе морале да се примат 20 нови на нивно место.

 

Наплатата моментално изнесувала 80% од физичките лица, а 76% од правните лица.

 

Јованоски исто така изјави дека поранешната идеја за создавање на регионални депонии згаснала бидејќи целиот товар ќе паднел на грбот на граѓаните.

 

„Линијата за секундарна селекција е добра програма, но за да се оствари таа потребнии се парични средства. Досега во тој проект се вложени околу 20 милиони денари, а за да профункционира ни се потребни уште 60 милиони денари. Ние како јавно претпријатие ги немаме тие средства. Ќе аплицираме до сите достапни фондови и ќе се обидеме да дојдеме до пари за овој проект. Треба да имаме и помош и од државата и Општината или пак да се создаде некое јавно-приватно партнерство“, истакна Јованоски.

Во однос на наплатата на сметките дали тие да бидат пресметувани по површина или по волумен на отпад, Јованоски рече дека сите европски регулативи наложувале тие да се пресметуваат по волумен.

 

 

„Но за тоа треба прво свеста кај граѓаните да биде на едно високо ниво бидејќи ако наплаќаме собирање на смет по волумен секој граѓанин своето ѓубре ќе го остава или на улица или кај комшијата за да плати помали сметки. Таа е добра идеја, но за да се оствари треба едукација и висока свест на граѓаните“, кажа Јованоски.

 

Со новата програма се планирало ЈКП „Комуналец“ да обезбеди повеќе садови за отпад на јавно прометните површини бидејќи дел биле веќе оштетени. Се планирало и набавување на камион метларка за чистење на улиците и плоштадите, а се разгледувале и можности за поставување на подземни контејнери. За сето ова се разгледувале сите можности за аплицирање до европските фондови.

 

Сметката на претпријатието очекувале да биде одблокирана за неколку денови. Во вкупните приходи на претпријатието 80% се обезбедувале од наплатата.

 

ЈКП „Комуналец“ имал моментално 43 возила за собирање на смет и миење на улиците, но дел од нив биле веќе застарени.

 

За во иднина ќе се разгледувала можноста дали би можело од ЈКП „Комуналец“ како посебни јавни претпријатија да се поделат гробиштата, секторот за собирање на отпад, јавно прометните површини, но за тоа било потребна навистина добра и издржана анализа.

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи