Конфедерација на слободните синдикати: Од Владата еден месец молк, бараме средба со Заев

Facebook
Twitter
Email
Print

И по еден месец по средбата со министрите, од Владата повторно молк кој се преточува со нефункционирање на социјалниот дијалог, рече претседателот на Конфедерацијата на слободните синдикати на Македонија, Благоја Ралповски.

 

„Имено, наместо договор со КСС за легитимни барања, иако помина еден месец од протестот кога КСС беше повикан од претставници од Владата на РМ, следува повторно игнорирање, повторно молк, кој исто така се преточува и надолу со нефункционирање на социјалниот дијалог и партнерство и на локално ниво, што е факт со тоа што ниту еден градоначалник досега ги нема свикано локално-економските совети“, рече Ралповски.

 

Наместо со конструктивен и унапреден социјален дијалог, додаде тој, се соочуваме со разни сателити т.н. НВО или, пак, во реалност владини како пробен балон да пробаат да наместат јавно мислење за намалување на работничките права.

 

„Сведоци сме дека се говори за зголемување на старосната граница за пензионирање, нестручна и превработена администрација, со потреба од отпуштање голем број работници, а сведоци сме и за голем број нови вработувања во јавниот сектор, трансфер од јавен во приватен сектор, за технолошки вишоци во одредени дејности итн. Доста е и сега кажуваме стоп. Стоп за кршење на законите, стоп за кршење на колективните договори, стоп за неконструктивен социјален дијалог, стоп за понижување на јавната администрација, стоп за притисоците, за уништување на синдикалното движење“, рече Ралповски.

 

Тој уште еднаш ги повтори барањата на КСС: веднаш да престанат притисоците врз вработените во јавниот сектор, а особено притисоците врз синдикалните претставници и обидот за задушување на синдикалното движење, веднаш да се пристапи кон усогласување на платите во јавниот сектор во согласност со зголемувањето на минималната плата од октомври 2017 година, веднаш да започнат преговори за зголемување на платите во јавниот сектор, без дискриминација на одредени дејности, веднаш да почнат преговори за измена и дополнување на Општиот колективен договор за јавниот сектор со цел подигнување на работничките права во делот на минат труд, правото на регрес за годишен одмор и породилно отсуство, задолжително да се усогласуваат барањата за платите во јавниот сектор помеѓу репрезентативните синдикати и Владата, и тоа пред секое планирање на буџетот на Р. Македонија.

 

Ралповски бара нова средба, овој пат и со премиерот Зоран Заев, и најдоцна до 15 март Владата да излезе со решение за поставените барања. Во спротивно, рече тој, КСС ќе продолжи со своите синдикални активности во однос на преземање радикални синдикални мерки.

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи