Ново судско рочиште за „Сопот“

Facebook
Twitter
Email
Print

Инспекторите од Управата за безбедност и контраразузнавање денес на барање на СЈО сведочат  во Основниот суд Скопје 1 за случајот Сопот кој 14 години се суди прво во кумановскиот, а сега во скопскиот Кривичен суд. Со одлука на судот, а на барање на УБК рочиштето на кое ќе сведочат инспекторите од УБК е затворено за јавност.

 

Медиумите влегоа во судница да го чујат причините поради кои на ова рочиште не е дозволено јавноста да биде присутна. Судијата Дарко Тодоровски извести дека лицата кои треба да сведочат на денешното рочиште и во времето кога се случил настанот, и денес работат во УБК на настани поврзани со тероризам и разузнавање.

 

На барање на институцијата во која работат, како и поради специфичноста на нивната професија со оглед дека се работи за тајна служба во МВР, судот донесе одлука јавноста да биде исклучена во делот на нивното сведочење.

Што овие лица ќе раскажат во врска со тврдењата на клучниот сведок Рамадан Бајрами кој пред судот раскажа дека бил мачен и присилуван да даде лажна изјава, јавноста нема да може да чуе.

 

Случајот „Сопот” е од 2003 година кога двајца полски војници и еден македонски државјанин загинаа, откако теренско возило на НАТО нагази на мина на локалниот пат Сушево – Сопот. Во овој случај десет лица беа осудени за тероризам во судот во Куманово. Сега предметот го суди Основниот суд Скопје 1.

 

Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција во јули минатата година му го предаде предметот „Сопот” на СЈО, откако во јавноста беа објавени разговори на владини функционери поврзани со овој случај.

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи