ИДСЦС за Планот 3-6-9: Половина од активностите исполнети, Владата е помалку транспарентна во вторите 3 месеци

Мониторингот на Институтот за демократија „Социетас Цивилис“ врз планот 3-6-9 покажува дека во вторите 3 месеци целосно се спроведени 16 активности или 52 отсто од активностите што требаше да се спроведат во делот 6, односно заклучно со шестиот месец.

 

Како што денес појаснија од Институтот, 5 активности или 16 отсто се делумно исполнети, 6 активности или 19 отсто се неисполнети, додека 4 активности или 13 отсто се немерливи.

 

„Се забележува подобрување на Планот во насока на зголемување на неговата мерливост и предвидливост. Друг позитивен момент е што Владата, овој пат, го објави планот во целост односно ги објави активностите кои треба да бидат преземени за целото времетраење на планот 3-6-9. Исто така, како позитивно се оценува и направената приоретизација во однос на реформски области. За разлика од претходниот план, овојпат, акцентот е ставен на реформите во правосудството, безбедносните и разузнавачките служби и јавната администрација. Покрај овие позитивни моменти, евидентни се и аномалиите кои се повторуваат во оваа, како и во претходната верзија на Планот. Имено, застапени се мерки кои по својата природа се континуирани активности на институциите или нивна ресорна надлежност. Тие не се и не можат да бидат реформска активност“,  велат од ИДСЦ.

 

Тие посочуваат дека Владата успеала да изготви дел од предвидените извештаи, но доцни со донесувањето на одредени законски решенија, меѓу кои и измените на Законот за заштита на сведоци, а исто така не е испорачана и најавена стратегија за реформи на јавната администрација. Од Институт посочуваат дека не можат генерално да го оценат спроведувањето на реформите, бидејќи велат, намалената транспарентност е еден од недостатоците, но пак, предност е тоа што се реализирани повеќе активности отколку во делот 3.

 

„Она што недостасува споредбено со делот 3 има намалување на транспарентноста. Владата објави таканаречен фактографски извештај за да види јавноста што е исполнето, а што не е. Во делот 6 до денеска Владата нема објавено, иако според нашите информации, таков извештај постои“, велат од институтот.

 

Инаку, делот 6 се однесува на период од локалните избори до крајот на 2017 година. Според овој мониторинг, споредено со делот 3, процентот на исполнети активности е во пораст од 41 на 52 проценти, исто како и процентот на неисполнети активности од 14 на 19 проценти. Процентот на делумно исполнетите активности пак останува ист (16 проценти), додека се забележува пад во процентот на немерливи активности од 29 на 13 проценти.

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи