ВИДЕО – Јакимоска : Да се подигне свеста за родовата еднаквост на жената во општеството

Жените во Комфи Ангел се третирани и финансиски и стимулативно, во однос на градењето на една кариера подеднакво исто како и нивните колеги од машкиот пол. Ние во нашата фирма не го одбележуваме посебно 8-ми март од причини што кај нас воопшто нема родова разлика. Сметам дека во последно време пристапот спрема славењето на овој интернационален ден на жената е променет во позитивен правец, онака како што треба да биде. Ова во интервјуто за Инфо Компас го истакна Ирена Јакимоска, менаџер и косопственик на Конфи Ангел. Таа вели дека доколку се способни жените и имаат што да понудат треба да имаат повисоки функции во општеството, но не само поради бројка и партиципација во одредена рамка. Со Јакимоска поразговаравме и за идните развојни планови на компанијата, за тоа како таа глчеда на новиот економски план на владата, но и за ФК Победа каде таа е в.д. извршен директор.

 

 

Се наоѓаме во очи на празникот 8-ми март. Според Вас како треба да го слават жените, со чајанки по кафани или со нивна поголема борба за нивните права ?

 

Дефинитивно ми се допаѓа во последно време што е променет пристапот и начинот на славењето на 8-ми март. Имам јас една покана од страна на Британската амбасада за презентација на успешните приказни кои што се предводени од страна на жените, како рол-модел како треба понатаму. Тоа е тој пристап на кој што треба повеќе да му посветиме внимание, да се крени свеста за припадноста на жената како родова припадност во општеството генерално, како во семејството како една основна единка за постоењето на општеството, така и во економскиот раст и социјалната структура на нашето општество. Сметам дека во последно време пристапот спрема славењето на овој интернационален ден на жената е променет во позитивен правец, онака како што треба да биде.

 

Како Вие ќе го одбележите тука во вашата фирма?

 

Ние не го одбележуваме воопшто. Никогаш не сме го одбележувале од причини што кај нас воопшто нема родова разлика. Жената е третирана и финансиски и стимулативно и во однос на градењето на една кариера подеднакво исто како и нивните колеги од машкиот пол, така да кај нас нема таква разлика и од тие причини не го славиме. Сметаме дека треба да работиме во континуитет во надоградба на свеста на сите заедно, за да можеме да ја реализираме филозофијата на нашата компанија.

 

Сметате дека треба да има повеќе жени на високи јавни функции во Република Македонија?

 

Доколку се способни, доколку тоа им е предодреденост, доколку имаат што да понудат и да направат некоја понуда во општеството, секако. Но не како бројка, партиципација во одредена рамка за да може да се оствари нивната припадност. Значи не треба да припаѓате во некоја институција, економија или опшстество, врз основа на тоа што припаѓате на некоја си родова разлика генерално. Доколку сте способни и имате што да направите, одредена промена, секако дека треба да си го добиете вашето право на исказ.

 

Како Комфи Ангел ја помина 2017 година?

 

За комфи Ангел 2017 беше одлична година. Го задржавме органскиот раст со некаде околу 10% од претходната година. Го оджавме континуитетот во однос и на бројот на вработените и квалитетот на производот, но извозот ни се зголеми, нормално заради органскиот раст. Го задржавме и посакуваното ниво на нето профитот кој што ни беше планиран. Всушност сè што имавме планирано за 2018 година, ние го реализиравме и сме задоволни од истата година. Нашите предвидувања за 2018 се во континуитет за органски раст, кој што овој пат не знам колку органски може да се задржи на 15%, со зголемен профит и се надевам дека наредната година ова време ќе разговараме исто вака за оваа година.

 

 

 

Колку вработувања моментално има Комфи Ангел?

 

Некаде околу 950 вработени. Тие ни се рамките околу кои што се движиме за да може да се одржува тој континуитет на вработени, да можат да се надоградуваат, да се едуцираат, за да си ги изградат своите кариери.  Сакаме да го постигнеме органскиот раст преку поголема продуктивност, преку имплементација на нови системи, на кои што во овој момент работиме.

 

Дали во 2018 би се прошириле со нови инвестиции и нови производи, или би останале на истото моментално ниво?

 

Во континуитет го прошируваме нашиот спектар на производи, постојано инвестираме во развој и во нов тип на производи за да ги освоиме и задржиме постоечките пазари. Инвестиции во однос на објекти не, остануваме тука каде што сме во овој временски период. Ќе размислиме за таква инвестиција во 2019 година. Оваа година главниот фокус на инвестиции ќе ни биде во делот на техничко –технолошки развој на компанијата за зголемена продуктивност и инвестиции за имплементирање на нови системи.

 

Оваа година исто така одбележавте и една година од постоењето на Сомниа шоп, вашата онлајн продавница, што фирмите во Македонија го немаат, односно помалку го имаат. Како ја оценувате онлајн продажбата во Македонија?

 

Одлична е. Јас морам да ги пофалам дечките од дизајн, идејата беше нивна и со заеднички сили ја формираа самите и страната и на почетокот нормално сите беа со недоверба во делот на користењето на личните податоци и плаќањето преку картици. Но она што ми е задоволство денес, што после една година дена задоволителен е процентот на остварената продажба онлајн и сигурноста во однос на користењето на картицата како платежно средство со кое што ние го потврдивме и од тие причини сме со план да ја прошириме онлајн продажбата и во регионот, конкретно во Албанија, Косово и Србија.

 

Во колку држави извезувате производи?

 

Скоро цела Европа. Англија ни е и понатаму матична земја, Франција, Германија, Белгија, Италија, Украина, Чешка, скоро цела Европа.

 

Кои се вашите очекувања како бизнисмен за 2018 година, како ја оценувате бизнис климата во Македонија и новиот економски план кој што го претстави Владата?

 

Дефинитивно како што кажав 2018 за нас ќе биде, врз основа на предвидувањата и потврдените нарачки досега, позитивна и со зголемен раст од 15% и адекватно зголемување на нето профитот и генерално на профитот како компанија, зголемување на капиталот. А во однос на бизнис климата јас од секогаш сум велела дека не постојат некои опструкции во однос на градењето на корпорации тука во Македонија. Дефинитивно законската регулатива си е одлична, ние самите си сме опструкции, како луѓе во однос на пристапот во однос на капиталот и бирократските и административни работења од страна на бирократијата. Меѓутоа дефинитивно работите се менуваат и очекуваме да се менуваат и во иднина. Во однос на мерките на новата Влада како стимулација на извозот, дефинитивно ги поддржувам од причина што самите тие излегуваат од нашата структура, на некој начин се предлог од бизнис елитата на Македонија, кои што сме членови на стопанската комора на Македонија. И нашиот вице-премиер господинот Анѓушев, кој што до пред извесен временски период беше член на таа комора, беше од другата страна на реката, заедно со сите нас сме ги работеле тие предлог мерки, кои што сме ги посочувале на Владата. Сега конечно истите тие се предлог-закон и дефинитивно ќе делуваат стимулативно на компаниите, за да мже да го зголемат степенот на извозот, како во Европа, така и во Западен Балкан.

 

Подолго време наназат ги мачеше работодавачите едно прашање, а тоа е повратокот на ДДВ. Што се случува моментално со овој проблем?

 

Воопшто немаме никаков проблем. Значи редовно си се враќа ДДВ-то, точно на самиот ден кога е денот за поврат на истото. Ние веќе од пред две години влеговме во големи обврзници, поготово присапот кон големите обврзници односно компаниите кои што се извозно ориентирани и кои што имаат можност за поврат на ДДВ, односот дефинитивно е фер и коректен.

 

Моментално Македонија се наоѓа во една фаза каде што голем дел од населението се иселува и работодавачите не можат да најдат соодветен кадар. Дали вие се соочувате со еден таков проблем и како сметате во иднина би се запрел тој процес?

 

Причината зошто луѓето ја напуштаат Македонија не е само материјалниот надомест и нивниот стандард. Поготово кај младите дефинитвно им сметаат одредени постулати кои што постојат во нашата земја и луѓето се гладни да доживеат ново искуство, да осетат еден демократски начин на функционирање на едно општество. Премногу дозволивме политиката да се инкорпорира во сите сегменти на нашето општество и очиглено помладите генерации имаат поинаков приспат и си го бараат своето сонце на небото на друго место. Никогаш не можете да го забраните процесот на миграција и во двата правци, тоа постоело во Македонија, постои и ќе постои. Но она што е клучно за компанииите, бидејќи сепак основен капитал на секоја компанија е човекот како ресурс, е дефинитивно да му пристапи подруго на луѓето како основен капитал, да работи на зголемување кај луѓето на животниот стандард, во континуитет да ги надоградува, да им направи една нормална животна и работна средина каде жто ќе бидат среќни. Меѓутоа истовремено и да не го изостави фактот дека треба да ја задржи конкурентната вредност, за да може да пласира производи во Европа. И самите знаете дека конкуренцијата за пласман на нашите производи од Македонија во Европа е дефинитвно строга и ограничена, со големо влијание од корпорации кои што се направени огромни преку самата глобализација и мора да се внимава да не се изгуби пласманот, кој што е клучен.

 

 

 

Има ли шанси тие метастази на политиката кои што се инкорпорирани во секое ткиво на општеството да ги уништиме за догледно време?

 

Тоа зависи од нас. Доколку продолжиме да имаме ваков тип на слобода, слобода во смисла каде што ќе се чувствува демократијата на малку повисоко ниво и доколку не се сменат овие струења, доколку ние самите не правиме фетиши од политичарите, туку едноставно сваќаме дека тоа е нивна работна задача, како што секој друг човек има кога иди на работа. За да бидат политичари, за да можат да ја сработат јавната одговорност и колективната свест, за тоа добиваат надомест. Дефинитивно работите можат да се сменат. Спека зависи од нас, до кој степен ние сме инволвирани во политиката. Гледате дека во последно време сите се политичари, сите размислуваат политички. Значи проблемот е во нас, ние треба да си го најдеме решението во однос на колективната свест, колку ние даваме за нашето општество, а не само колку треба да добиеме.

 

За крај би завршиле со една ваша нова функција која што ја имате, а тоа е извршен директор на ФК Победа, една сосема различна бранша, но сепак не толку далечна за вас. Што се случува моментално со големата фудбалска легенда на Прилеп, клубот ФК победа?

 

Се надевам дека ќе се врати онаму каде што и е местото. Дефинитивно треба да се врати Победа на прилепчани и фудбалската популација, на фудбалската нација и на љубителите на фудбалот. Може да се врати само под еден услов, доколку личните интереси се тргнат на страна и се фокусираме само на фудбалот како фудбал. Благодарение на законот за спорт, дефинитивно можноста за поголеми приходи во Победа се зголемува од страна на компаниите. Кога ќе имаме еден одреден стабилен буџет, во рамките на чергата, колку што можиме да си дозволиме, тогаш можеме да се реорганизираме во однос на клучните фактори во клубот, а тоа се играчите. Според мене главниот фокус на клубот треба да бидат младите категории. Дефинитивно стојам зад фактот дека Прилеп и регионот на Прилеп знае да произведе квалитетен фудбал. Прерано е да зборуваме за некои драстични промени, од причина што во месец дена беше прашање на опстанок, дали продолжуваме или не продолжуваме. За краток временски период се преструктуиравме, почетокот на полусезоната ни беше многу тешка табелата, игравме со екипи кои се далеку поквалитетни и се многу повисоко на врвот на табелата. Се надевам и им посакувам среќа од недела, на некој начин за нас почнува официјално оваа сезона. Им посакувам среќа, да се етаблираат барем на едно седмо место, а потоа за наредната полусезона ќе направиме други структурни промени.

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи