ВИДЕО – СТОРИЈА : Децата на улица и понатаму нерешлив проблем за државата, во Прилеп ги има 20-тина

Малите рачиња кои бараат 5 до 10 денари, се почесто може да се видат на прилепските улици. Џељан Ерединоска признава дека мора да питачи за да го прехрани 7 членото семејство, но вели дека никогаш не ги изнесува децата на улица.

 

 

„Имам 5 дечиња, социјално земаме 1.800 денари, јас одам да питачам во чаршија, но сама излегувам никогаш со децата“, вели Џељам Ерединоска.

 

Исамедин Рамаданоски пак има 4 дечиња, за да го прехрани семејството работел што ќе најде. Само едно од 4-те деца одело на училиште бидејќи за другите немал пари. Вели дека никогаш не ги пуштил децата да питаат, а за оние кои го прават тоа ја обвинува државата.

 

„Родителите не се виновни, државата е виновна, кој родител не сака да му помогне на неговото дете, ама ако тие луѓе не се вработат некаде од каде ќе имаат можност да си ги прехранат децата“, истакна Исамедин Рамаданоски.

 

 

И Ерединоска и Рамаданоски беа дел од хуманирната акција која ја организираше НВО РОМА СОС, која со средствата од 8-мартовската забава, на 40 дечиња им купија облека и хигиенски средства. Според РОМА СОС моментално во Прилеп имало 20-тина деца на улица. И дел од овие 40 дечиња често пати се на улица.

 

„Овие деца под хитно мора да се регистрираат од страна на Центарот за социјални работи и на таков начин да добиваат дополнителна парична поддршка и да се вклучат во образовниот процес, да го завршат своето образование, а со тоа да се квалификуваат на пазарот на трудот“, изјави Несиме Салиоска, извршен директор на НВО РОМА СОС.

 

Несиме Салиоска, извршен директор на НВО РОМА СОС

 

Поради питачење лани во Прилеп 7 деца биле одземени привремено од родителите и сместени во институции. Со нив биле превземени повеќе активности.

 

„Вклучување во образовниот процес, издавање на здравствени книшки, работа со родителите, успеавме истите деца, после одреден период кој не беше подолг од една година, повторно да ги вратиме назад кај родителите“, потенцираше Живко Силјаноски, директор на Центар за социјални работи.

 

Но и покрај овие мерки, според експертите, доколку нема поголеми системски и општествени промени ,за жал овие мали рачиња и понатаму се почесто ќе ги гледаме на улиците.

 

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

WP-Backgrounds Lite by InoPlugs Web Design and Juwelier Schönmann 1010 Wien