ВИДЕО – Протест на вработените во училиштата и градинките од Прилеп на кои не им беше продолжен договорот за работа

Околу 90-тина наставници во средните и основни училишта, како и вработени во детската градинка „Наша иднина“ од Прилеп, на кои им завршил договорот за работа на 31.12. 2017 година денеска заедно со претседателот на СОНК, Јаким Неделков, излегоа на мирен протест пред Општина Прилеп. Обвинуваат дека иако ги исполнувале сите критериуми, дел од нив вработени и по 6 години, сепак на нивно место биле вработени други лица. Од СОНК бараат итна средба со градоначалникот Илија Јованоски бидејќи 90-тина фамилии останале без егзистенција. Нa нивно место бил примен несоодветен кадар.

 

 

„Овде пред општината сме застанати симболично, затоа што практично општината ги има надлежностите за образованието и детската заштита. Ние сме свесни дека примањето и отпуштањето дирекно оди преку директорите, но со оглед на тоа што надлежностите се на општината и градоначалникот е инволвиран околу тоа кој ќе биде директор на осовно, средно училиште или детска заштита, сепак сметаме дека во интерес на граѓаните на Општина Прилеп, во интерес на нашите членови, соодветниот партнер на СОНК како регионален одбор е Општината Прилеп и ние мораме што поскоро да седнеме и да разговараме за овие состојби. Наше длабоко убедување е дека по пат на дијалог, како што претходно споменав ќе се надминат состојбите, за да не одиме преку барање на правдината по судски пат, каде што се изложуваат на трошоци и училиштата или установите за детска заштита, меѓутоа еве и непопуларна метода на барање на правдина е преку надлежните судови. Во секој случај и тоа што ние го заговараме доколку нема можностза надминување на состојби онака како што функционираат високо развиените држави, по пат на социјален дијалог и надминување на состојбите, тогаш нашето крано и непопуларно решение е барање на правдината преку суд. Значи има правен основ во секој случак, затоа што нашите извори кажуваат дека се примаат вработени кои што не ги исполнуваат условите кои се распишани на конкурси согласно законот за дејност, односно за детска заштита или основно и средно образование. Се примаат наши колеги кои немаат положено стручен испит, на место на тие што се отпуштени или не им е продолжен договорот, односно на конкурс не се примаат стручни колеги кои се квалификувани и имаат звање наставник. Се додека не се положи стручен испит немаме звање наставник и практично се примаат неквалификувани луѓе, спротивно на Законот за основно и средно образование“, истакна Јаким Неделков, претседател на СОНК.

 

Од СОНК рекоа дека градоначалникот Јованоски денеска не ги примил со образложение дека имал други обврски. Од Општина Прилеп велат дека Општина Прилеп и градоначалникот Илија Јованоски немаат ингеренции да одлучуваат за персоналните кадровски решенија во училиштата и градинките.

 

„Во Општина Прилеп од министерствата за образование и труд и социјална политика стигнуваат согласности за обезбедени финансиски средства за одредени работни места, кои што се финансирани од државниот буџет. Општина Прилеп само ги препраќала согласностите на училиштата. Огласите за вработување на основа на овие согласности ги распишуваат училиштата и градинките во согласност со законските одредби и според потребите од стручен, квалификуван и кадар со лиценци. Според тоа одговорите за овие прашања ќе ги барате во соодветените установи“, велат од Општина Прилеп.

 

Поранешните вработени во детската градинка обвинуваат дека иако имало решение од министерката Мила Царовска за да им се продолжат договорите прво до 28.02. а потоа да добијат на неопределено, тоа не било испочитувано. Според вработените, по закон требало да им бидат дадени решенија на неопределено време на сите кои имаат над 2 години работа во установата.

 

„По истекот на договорот не ни се продолжени, иако имаше дојава од министерката да ни се продолжат договорите до 28.02.2018 година. Договорите не ни се продолжени и останати сме на улица. Не е праведно бидејќи министерката не е сослушана, бидејќи договорите нас требаше да ни бидат продолжени, а во случајов други се вработени на нашите места. Тоа го направи в.д. директорот, Орде Тодороски. Имаше оглас, претходно работеа само на збор, а после тоа им дадоа решенија“, рече Ане Тризагороска, поранешен садомијач во градинка „Наша Иднина“.

 

„Нашата тогашна директорка Благица Филипоска, која тогаш беше нелегална, објави оглас на кој што се примени сосема нови вработени, односно не го испочитува законот од министерката Мила Царовска. Потоа додека течеше огласот таа даде отказ и на нејзино место дојде книговодителот Орде Тодороски. Ние се прашуваме зошто во останатите градови на нашата држава се испочитува тоа и сите воспитувачи и останат кадар одат на работа до 28.02., само Прилеп и Битола останавме дома. Значи ние имаме барање до лидерката на Конференцијата на европски синдикати, Сузан Фолкен, која што не поддржа за ова. Постојано сме во контакт со неа и таа и денес за овој протест ни даде поддршка и ни кажа дека доколку не најдеме согласност помеѓу двете страни, односно локалната самоуправа и градоначалникот Илија и ние, дека таа ќе ги превземе сите мерки што може да ни помогни во овој случај“, Татјана Камческа, поранешна воспитувачка во градинките „Наша Иднина“.

 

Поранешните вработени обвинуваат за политичка дискриминација и оставање неправедно на улица после години на работен стаж.

 

„ Јас сум еден во поодминати години на кој му е нанесена неправда. На местото благајник во училиштето Кочо Рацин, на 31.12.2017 добив отказно решение. После 5 години и 9 месеци работа на место, со прекин, бидејќи мислам дека ги исполнував сите законски основи да ми биди трансформирано работното место. Мислам дека овие неправди треба да престанат и да не се влечеме повеќе по судови и да не се изложуваме на непотребни судски трошоци. Мислам дека има неправедни вработувања, дека нас не ни исполнета законската обврска што ја исполнуваме. Да ги разграничиме партиските и непартиските вработувања“, кажа Љупчо Смилески, поранешен благајник во ООУ „Кочо Рацин“

 

Од СОНК се заканија дека доколку не се реши за брзо проблемот правдата ќе ја бараат на суд.

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

WP-Backgrounds Lite by InoPlugs Web Design and Juwelier Schönmann 1010 Wien