Меси: Мундијалска титула или повлекување од репрезентацијата

Лионел Меси е играч кој ќе биде запишан во историјата како еден од најдобрите на сите времиња, ако не и најдобриот, а доказ за тоа се неговите партии, голови, асистенции, влијание врз играта, успесите…

 

На клубски и на индивидуален план со Барселона има освоено сè што може да се освои. Сепак истото не може да се каже и за со репрезентацијата на Аргентина. Трите загубени финалиња од 2014 до 2016 со неговата Аргентина и тоа две во Копа Америка и едно на Светското фудбалско првенство во Бразил многу тешко му паднале на Лео, што отворено го призна за аргентисниот телевизиски програм „Ла Корниса“.

 

„Многупати плачев поради тие натпревари, загубени финалиња, за тоа што тие значат и неможноста да го постигнеме сонот на една земја. Тие [трите финалиња] беа тешки удари. Се чини тоа што дојдовме до тие три финалиња воопшто не ни помогна“, рече Меси.

 

Петкратниот освојувач на „Златната топка“ во јуни ќе наполни 31 година, а над 30 години се и Серхио Агуеро, Гонзало Игуаин, Анхел ди Марија, Николас Отаменди и Хавиер Маскерано. Тоа е „костурот“ на репрезентацијата која треба да настапи и на СП во Русија.

 

„Ако сега не бидеме шампиони, мислам дека повеќе нема да имаме друга можност за тоа“, додаде Меси.

 

Меѓутоа ѕвездата на Барселона нема така лесно да се откаже од сонот и најави моќна Аргентина која ќе атакува на тронот кој во моментот го држи Германија.

 

„Претпоставувам дека можам да бидам во тој финален натпревар, да победиме и да го подигнам пехарот. Тоа е сон што отсекогаш сум го имал и секогаш кога се ближи Светското првенство, станува уште посилно. Сакам да им кажам на луѓето дека се надевам дека тоа ќе биде одлично Светско првенство за нас. Мојата желба е иста како кај сите вас и дека можеме да доживееме нешто слично на 2014 година што беше незаборавно искуство и дека резултатот ќе биде сличен, но овој пат со подигање на трофејот кој е сон на сите“, заврши капитенот на „гаучосите“.

 

На Мундијалот во Русија, Аргентина е во група со Хрватска, Нигерија и Исланд.

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

WP-Backgrounds Lite by InoPlugs Web Design and Juwelier Schönmann 1010 Wien