Саркози на распит поради либиското финансирање на претседателската кампања во 2007 година

Поранешниот француски конзервативен претседател Николас Саркози беше приведен и испрашуван поради наводи дека неговата изборна кампања во 2007 година била финансирана од Либија во време на сега покојниот соборен авторитарен лидер Моамер ел-Гадафи.

 

Париското обвинителство засега не се огласи со соопштение за јавноста, а адвокатот на Николас Саркози не е достапен за коментар за медиумите.

 

Француски „Ле Монд“ пишува дека Саркози би можел да остане притворен и до 48 часа. Случајот против него беше отворен во 2012 година, но истрагата беше суспендирана. Во 2017-та, судија одлучил дека истрагата има доволно докази да почне кривична постапка откако бизнисмен изнел тврдења оти кон крајот на 2006 и почетокот на 2007 година во три наврати пренел готовина за потребите на изборната кампања на Саркози.

 

Во прилог на овие обвинувања одеше и изјавата на синот на Гадафи, Саиф Ал Ислам, кој во едно интервју во 2011 година побара Саркози да ги врати парите кои ги прифатил од Либија.

 

Саркози досега неколкупати одбиваше да се јави на поканата за распит. Во врска со истиот случај е сослушан и поранешниот министер Брис Ортефо, кој беше член на владата на Франција во време на мандатот на Саркози.

 

Саркози беше претседател на Франција од 2007 до 2012 година. Се бореше за втор мандат и на претседателските избори во 2012 година, но беше поразен од Франсоа Оланд. Тој планираше да учествува и на изборите минатата година, но претрпе пораз при гласањето во неговата партија.

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

WP-Backgrounds Lite by InoPlugs Web Design and Juwelier Schönmann 1010 Wien