Десет членови на синдикатот на „Еурокомпозит“ денеска добиле отказ, за утре се најавува генерален штрајк

Десет членови на синдикалниот одбор на прилепски „Еурокомпозит“ денеска добиле отказни решенија, без притоа да добијат никакво објаснување од генералниот директор. Вработените за утре наајавуваат генерален штрајк и блокада на фабриката. Инаку денеска изминаа 48-те часа кои вработените и ги дадоа на Владата за да го разреши менаџерскиот тим, бидејќи се сомневаат дека директорите имаат украдено пари.

 

„Директорот Александар Кузески без никакво објаснување денеска ги потпишал отказните решенија за 10 членови на синдикалниот одбор на „Еуркомпозит“, потоа ја напушти фабриката без да ни соопшти за неговата одлука, а решенијата ни ги поделија вработените во правната служба, кои пак додека ги делеа отказите ги чуваше обезбедување. Ова е срамота што се случува, со оваа одлука комплетно е суспендиран синдикатот во „Еурокомпозит“. Отказите се сомневаме дека ги добивме поради тоа што поднесовме кривични пријави против директорите Александар Кузески и Тони Дукоски. Дека истите ќе бидат сменети добивме ветување и од вицепремиерот Анѓушев, но наместо тоа сега добиваме отказ. Затоа утре ќе ја блокираме фабриката и најавуваме генерален штрајк“, истакна Роберт Богданоски, претседател на синдикален одбор.

 

Претходно вработените протестираа повеќе денови барајќи си ги заостанатите 16 плати и придонесите кои не им се платени од јуни 2012 година. Од вицепремиерот Анѓушев добија ветување дека проблемот ќе им се реши за 6 месеци, а пред неколку дена им беше поделена и по една просечна републичка плата.

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи