ВИДЕО – Се плашат дека секој ден им е последен и дека куќата стара 110 години ќе се урне врз нив

Шеесет и девет годишната Зорка Велеска, од Крушево, со нејзината ќерка секој ден се соочува со стравот 110 години старата куќа каде живеат во секој момент да се урне врз нив. Куќата е буквално пред распаѓање, а тие немаат пари да ја поправат. Живеат само со социјална помош од 4.300 денари. Во дел од собите веќе комплетно е урнат таванот, а истото за кратко ќе се случи и со другите соби. Вода тече од сите страни, за да се не се поплават ја собираат во корита и кофи.

 

 

„Цигли паѓаат, штици паѓаат, врне внатре во куќата, сега почнаа цигли да паѓаат и на патот надвор на улица. Стравуваме за нашиот живот, тука до нас има и една бандера со жици од струја, може да се запалиме ако падне тој ѕид“, вели Зорка Велеска.

 

Бидејќи куќата е стара над еден век Велеска 10 години се обидува да ја заштити како културно наследство, но досега ниту една институција не сакала да и помогне. Бара државата да ја реновира куќата, а со тоа не само што ќе им помогнат туку и ќе го заштитат овој објект, кој според сликите се гледа дека постоел уште пред Илинденското востание, кога била и запалена црквата што се наоѓа до куќата. Велеска вели куќата толку време издржала, срамота било сега во 21 век еден ваков објект да се урне од негрижа.

 

„Толку окупации преживеала оваа куќа, уште од Илинденското востание, две светски војни, балкански војни. За време на првата светска војна тука војници седеле окупациски и ништо зиијан не било направено, а сега во овој период се плашиме да не не отепа сопствената куќа“, додава Велеска.

 

Од институциите им велеле дека куќата нема да се реновира со државни средства како културен споменик бидејќи со текот на времето врз неа биле направени некои мали архитектонски интервенции.

 

Од Општина Крушево велат дека отвориле сметка каде граѓаните можат да донираат средства, но велат дека поради малиот буџет не можат да си дозволат ваков голем проект, клучот за решавање на овој проблем го гледаат во надлежните институции. Велеска не испрати со надеж дека наредниот пат нема да не пречека со урната куќа.

 

 

 

 

 

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

WP-Backgrounds Lite by InoPlugs Web Design and Juwelier Schönmann 1010 Wien