Судскиот совет најмногу потфрли во транспарентноста, ефикасноста и ефективноста

Транспарентноста, отчетноста и ефективноста што беа предмет на мониторирање на работата на Судскиот совет на РМ не се на задоволително ниво, иако во подоцнежниот период на мониторирање се забележа извесен напредок во имплементирање на овие стандарди.

 

Ова е наведено во заклучоците и препораките од  Анализата за транспарентноста, отчетноста и ефективноста на работата на Судскиот совет на РМ, како и заклучоците од петиот квартален извештај за работата на Судскиот совет за периодот декември 2017 до март 2018 година на Институтот за човекови права.

 

„Транспарентноста на Судскиот совет е повеќе формална отколку суштинска“, изјави претседателката на Институтот за човекови права Маргарита Цаца Николовска пред одржувањето на завршната конференција и дискусија на тема „Каков Судски совет му е потребен на македонското општество?“.

 

Според неа потребно е да се обезбеди суштинска транспарентност меѓу другото и преку новинарите.

 

„Комуникацијата со јавноста, која може да се оствари и преку новинарите, да биде суштинска, за да може јавноста соодветно да ја оценува работата на Судскиот совет“, рече Цаца Николовска.

 

Посочи дека неизборот, без образложение на претседатели на судови, на судии во Апелацискиот суд Скопје и во Врховниот суд на РМ од пријавените кандидати на објавените огласи е одраз на неефикасно и неефективно работење на Судскиот совет.

 

Во контекст на тоа Цаца Николовска додаде дека, ова уште повеќе се гледа од тоа што веднаш потоа повторно се објавува оглас за пополнување на истите места.

 

Судијата на Врховниот суд на РМ во пензија, Вера Коцо оцени дека во изминатиот период Судскиот совет не беше на нивото што се очекуваше од македонската јавност и граѓани.

 

„Тоа беше причина за губење на довербата во тој највисок самостоен судски орган што треба да обезбедува и гарантира самостојноста и независноста на судската власт“, рече Коцо.

 

Таа истакна дека Судскиот совет најмногу потфрли во транспарентноста, ефикасноста, ефективноста и дека ваквиот состав на Советот бара реформа.

 

Пранешниот судија на Уставниот суд Игор Спировски, меѓу другото рече дека членовите на Судскиот сивет имаат проблем со кредибилитетот, пред се со неактивноста во врска извештајот  за распределба на предмети во АКМИС-от.

 

„Извештајот на Комисијата на Министерството за правда сега е на дневен ред  на Судскиот совет и прашањето е што тој ќе прави, дали сега ќе утврдува одговорност на претседатели на судови и судии за манипулирање со АКМИС-от и како тоа може тоа да го прави кога тој е дел од создавањето на тој проблем“, рече Спировски.

 

Претседателот на Судскиот Совет Зоран Караџовски рече дека не се согласува со критиките изнесени во заклучоците за работата на Судскиот совет.

 

„Треба да се направи компаративна анализа и да се види кој Судски совет во Европа е најтранспарентен и тогаш ќе разговараме на кое место се наоѓа Судскиот совет на РМ во врска со транспарентноста“, рече Катаџовски.

 

Во контекст на тоа додаде дека од компаративните анализи што лично ги направил, Караџовски рече дека Судскиот совет на РМ се наоѓа на едно од највисоките места, а поголем дел од другите Судски совети се многу малку транспарентни или воопшто не се транспарентни.

 

Британскиот амбасадот Чарлс Гарет посочи дека владеењето на правото е основа на се што едно општество го прави, стабилно, фер и просперитетно. Тоа, рече Гарет, е основа за нашата безбедност и за прецизниот заснован на правила меѓународен поредок без кој светот би бил понесигурен и поопасен.

 

„Вистината е дека сите – судиите, обвинителите, адвокатите… знаат што е она што треба да го направат. Затоа треба да се охрабрат да го направат тоа. Треба да им се пронајдат алатки како да го направат тоа со цел да можат да дадат отпор на нелегитимен притсок. Истото ова важи за целиот јавен сектор“, истакна амбасадотот Гарет.

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

WP-Backgrounds Lite by InoPlugs Web Design and Juwelier Schönmann 1010 Wien