Вооружен напад на „Јутјуб“, четворица повредени, напаѓачката се самоубила

Четворица вработени во компанијата Јутјуб се повредени, а еден од нив е во критична состојба во нападот што се случи во седиштето на оваа компанија во калифорнискиот град Сан Бруно.

 

За овој напад е осомничена позната јутјуберка, Насим Агдам, која по вооружениот инцидент се самоубила. Шефот на полицијата на сан Бруно, Ед Барберини изјави дека 39-годишната Агдам ја пронашле мртва со прострелна рана во главата.

 

„Веднаш по влегувањето на полицијата во зградата на Јутјуб, голем број вработени беа евакуирани, беше хаотично. Ги лоциравме четворицата повредени и веднаш ги пренесовме во болница. Осомничената ја пронајдовме внатре во зградата. Беше мртва, со прострелна рана од огнено оружје, што укажува на самоубиство“, вели Ед Барберини-шеф на полицијата во Сан Бруно.

 

Веднаш по нападот се огласи таткото на осомничената, Исмаил Агдам, кој изјави дека неговата ќерка била бесна на Јутјуб, бидејќи компанијата престанала да и плаќа за видеата што ги објавувала. За ова, тој претходно ја предупредил полицијата.

 

Полицијата објави малку податоци за Агдам, која живеела во Сан Диего, но медиумите открија дека таа водела сајт и неколку канали на Јутјуб, на коишто постирала видеа со различни содржини, најчесто против злоставување животни. Каналите сега се згаснати.

 

Агдам е опишана како веганка, бодибилдерка, уметница и раперка. Таа првпат јавно се пожалила на Јутјуб во јануари 2017 година, кога кажала дека видеата ѝ се филтрираат, како резултат на што имала помалку посети.

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

WP-Backgrounds Lite by InoPlugs Web Design and Juwelier Schönmann 1010 Wien