Потребни се промени во здравствениот систем и социјалната заштита

Нефункционален систем на социјална заштита, итно модифицирање на политиките за вработување, пропусти во стручноста на лекарите, незадоволство од грижата што ја добиваат возрасните лица, недостапноста на лековите – тоа е перцепцијата за квалитетот на социјалните и здравствените услуги кај граѓаните во земјава.

 

Неда Малеска Сачмароска, од Центарот за управување со промени (ЦУП) појасни дека најголем дел од граѓаните сметаат дека политиките за вработување не се доволни, не ги даваат посакуваните резултати и треба да се модифицираат.

 

„Интересен е податокот дека граѓаните се најзадоволни од квалитетот на градинките, но, најмалку од квалитетот на услугите што граѓаните ги добиваат возрасните лица односно грижата за нив“, рече таа.

 

Додаде дека граѓаните се најнезадоволни со плаќањето на партиципацијата за добивање на здравствените услуги, а бараат и услугите на итната медицинска помош да бидат достапни и во руралните средини, а не само во урбаните.

 

Министерката за труд и социјална политика Мила Царовска рече дека е свесна оти граѓаните се незадоволни од услугите, бидејќи, како што рече, уште пред да дојдат на власт знаеле дека ситемот не функционира.

 

Најави дека во мај ќе почне расправа за новата рамка на социјална заштита, за развој на услуги како палијативна грижа, персонална асистенција, но и сите други што директно помагаат на квалитетот на живеење на граѓаните, како и зголемување на нивото на социјални трансфери што во моментов се ниски.

 

„Оние граѓани кои ќе добијат повисока сума до одреден лимит што е подостоинствен за живеење ќе бидат активирани. Тоа е најважната алка во ситемот на социјална заштита за да нема долгорочно користење на системот и да не се пасивизираат и исклучуваат од пазарот на труд“, рече Царовска.

За министерот за здравство Венко Филипче истражувањата во здравството се важни бидејќи крајните корисници односно пациентите најдобро ги знаат проблемите со кои се соочуваат. Откако точно ќе се дефинираат проблемите може да се знае како суштински да се решат.

 

Додаде дека ќе се стави акцент на превенција, преку подобрување на патронажните сервиси за, како што рече, суштинска промена на давање на здравствена нега од болница во нивните домови.

 

Резултатите од истражувањето беа презентирани на Конференцијата „Итни потреби и приоритети за унапредување на услугите во социјалната дејност и јавното здравство”.

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

WP-Backgrounds Lite by InoPlugs Web Design and Juwelier Schönmann 1010 Wien