ФБИ ја претресе канцеларијата на адвокатот на Трамп, запленета документација и банкарски сметки

Facebook
Twitter
Email
Print

ФБИ ја претресе канцеларијата на Мајкл Коен, личниот адвокат на американскиот претседател Доналд Трамп, објави Њујорк тајмс.

 

Kоен се најде во центарот на контроверзијата околу исплатата на пари на порно ѕвездата, која тврди дека во 2006 година имала сексуални односи со Трамп и дека добила пари за да не зборува за тоа во пресрет на изборната кампања во 2016 година.

 

Стивен Рајан, адвокатот на Коен, потврди дека ФБИ ја претресле канцеларијата и дека заплениле документи поврзани со неколку теми, меѓу нив и некои кои се однесуваат на исплатата на порно глумицата Стефани Клифорд позната како Сторми Даниелс.

 

Стивен Рајан рече дека акцијата е спроведена по препорака на канцеларијата на специјалниот советник Роберт Мулер, додавајќи дека смета дека е „целосно непримерна и непотребна.“

 

Мулер ги истражува обвиненијата дека Русија се мешала во претседателските избори на САД во 2016 година и за можниот дослух на кампањата на Трамп со Москва. Русија тоа го негира, како и Трамп и Белата куќа.

 

Претседателот на САД Доналд Трамп изјави денеска дека претресот, кој ФБИ го изврши во канцеларијата на неговиот долгогодишен адвокат Мајкл Коен е срамна акција и оти претставува „лов на вештерки“.

 

Трамп го окарактеризира специјалниот тим за испитување на руското мешање во претседателските избори во САД во 2016 година предводен од Роберт Мулер, како најпристрасна група на луѓе и го повтори својот став дека државниот обвинител Џеф Сешнс не требал да се изземе од надгледување на истрагата на Мулер.

 

Тимот на Мулер употребил слична тактика минатото лето, кога инспектори на ФБИ влегле во куќата на поранешниот шеф на изборниот штаб на Трамп, Пол Манафорт, против кого подоцна било и поднесено обвинение.

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи