Нова рунда преговори за името во Охрид

Третата по ред рунда разговори за името за неполн месец овојпат се одржува во Охрид.

 

Грчкиот министер за надворешни работи, Никос Коѕијас попладнево ќе допатува во Охрид, по што ќе има работна вечера со шефот на македонската дипломатија Никола Димитров, додека официјалната средба е закажана за утре.

 

Од Министерството за надворешни работи наведуваат дека посетата на  министерот Коѕијас е во рамки на континуираниот дијалог меѓу двајцата министри, во контекст на напорите за надминување на разликата околу името, како и генералното унапредување на односите помеѓу двете земји.

 

Шефот на македонската дипломатија Никола Димитров очекува на утрешната средба со неговиот грчки колега Никос Коѕијас во Охрид да биде постигнат прогрес во решавањето на прашањето за името.

 

„Прашањето е толку важно што по дефиниција сите рунди разговори се тешки, така што се разбира очекувам темелни разговори. Се надевам на прогрес. Мислам дека однесувањето и на Република Македонија и на нашите соседи од Грција во однос на процесот сигнализира дека процесот е во една деликатна фаза и фокусирани сме токму на овие разговори и се надевам дека ќе ни помогне што оваа рунда се одржува токму во Охрид и духот на тој наш бисер се надевам дека ќе ни помогне“, истакна Димитров по средбата со украинскиот министер за надворешни работи Павло Климкин, одговарајќи на новинарско прашање за очекувањата од средбата со Коѕијас во Охрид.

 

И неговиот грчки колега Никос Коѕијас кој во Охрид доаѓа веднаш по посетата на Белград, е оптимист за претстојната средба од која како што изјави очекува позитивни резултати.

 

„Мислам дека клучот на овој проблем е реализам, прагматизам и разбирањето дека треба да направиме компромиси, но не трули компромиси, туку такви од кои ќе добијат и двете страни. Компромисот значи дека двете страни треба да разберат дека не можат да добијат се, туку секоја страна треба нешто да добие. Јас се надевам дека двете страни тоа ќе го сфатат и дека ќе имаме позитивни резултати,“ изјави Коѕијас во Белград.

 

Охридската средба се случува една недела пред ЕК да го соопшти извештајот за напредокот на Македонија, во кој Владата очекува да добие безусловна препорака за почеток на преговорите.

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

WP-Backgrounds Lite by InoPlugs Web Design and Juwelier Schönmann 1010 Wien