Прашање за доверба на Владата: Животот дојде само за владините и партиски функционери на СДСМ и на ДУИ

На денешната 42 седница на Собранието на РМ пратениците ќе расправаат за  прашањето за доверба на Владата на Република Македонија.

 

Во прашањето за доверба на Владата пратениците на ВМРО-ДПМНЕ велат дека Владата не направила ниту една реформа, туку само успеала да ги партизира институциите, да отпушта луѓе од работа и да ги распродаде националните и државни интереси.

 

„Животот дојде навистина во Република Македонија, но само и единствено за владините и партиски функционери на СДСМ и на ДУИ и апсолутно за никој друг“, рече координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, ДраганДанев.

 

ВМРО-ДПМНЕ посочуваат дека Владата води катастрофални економски политики и врши злоупотреба на правосудниот систем за политички реваншизам. Поминува  неказнето рекетирањето врз граѓаните и аферите во внатрешните работи и има стопирање на значајните реформи во образованието, партизирање на одбраната, хаос во здравствениот систем, манипулации со земјоделците,  уназадување на културата, скандали и негрижа во социјалната политика, негрижа за младите и најранливите категории граѓани. Кршењето на Уставот и законите, се посочува во прашањето за доверба на Владата, станаа пракса.

 

„Во здравството ветивте бесплатно болничко лекување, а од тоа нема ништо, ветивте зголемување на дежурствата – нема ништо. Ветивте реформи во правосудството, а немате министер за правда, од вчера немате ниту зграда, бидејќи изгоре, сега ќе мораме да градиме и нова зграда. Се обидувате да спроведете политички реваншизам, приведовте пратеници без да им го одзедете имунитетот и  затворате уметници-ако тоа ви е реформата во правосудството, алал да вие. Ветивте борба против корупцијата, а Македонија за една година падна 17 места надолу на меѓународната скала за борба против корупцијата. Вие, сами рековте дека во вашата влада има двајца осомничени за криминал, чекаме со месеци нема ниту еден осомничен“ рече Данев.

 

Координаторот на пратеничката група на СДСМ, Томислав Тунтев ги бранеше политиките кои ги спроведува Владата на Заев. Тој рече дека очекува Македонија да добие позитивен извештај од Европската унија без услови, токму поради реформите на оваа влада.

 

„По 4 месеци недоаѓање во Собранието, да дојдеа други пратеници кои не знаат што се случувало вакво образложение ќе беше логично, ама ова се истите пратеници кои  пред три години слушнаа како владееја нивните влади во изминатите 11 години, за нивните погубни и катастрофални политики, сведочеа на  извештајот  на Прибе, на договорот  во Пржино, истите пратеници кои не дозволуваа да се избере Претседател на Собрание, кои беа сведоци на 27 април  и затоа ваквата интерпеалција од нив е бесмислена“ рече Тунтев.

 

За интерпелацијата на Владата ќе се гласа на полноќ. За евентуално изгласување на недоверба потребно е апсолутно мнозинство, односно 61 глас од вкупниот број на пратеници. На барањето на ВМРО-ДПМНЕ за гласање на недоверба на Владата се потпишаа 41 пратеник.

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

WP-Backgrounds Lite by InoPlugs Web Design and Juwelier Schönmann 1010 Wien