Димитров-Коѕиjас: Напредок, но тешките прашања остануваат

Facebook
Twitter
Email
Print

Повеќе од три часа траеа разговорите за името меѓу министрите за надворешни работи на Македонија и Грција, Никола Димитров и Никос Коѕијас, во вилата Билјана во Охрид. За дел од прашањата постигнат е напредок, за дел се уште постојат разлики, рекоа тие.

 

По средбата Димитров истакна дека отворено и искрено разговарале за проблематичните прашања и додаде дека за дел од тие прашања има напредок, бидејќи се созреани, а за дел се уште постојат разлики.

 

„Разговаравме за прв пат за временската рамка и за чекорите, за кои доколку се постигне решение, како тоа ќе изгледа и како ќе се имплементира. Ова беше разговор без надмудрување, со големо разбирање за потребите на другиот и нашиот главен предизвик е како главните грижи на двете страни да ги составиме и да ја најдеме комбинацијата што ова ќе го обезбеди“, рече Димитров.

 

Грчкиот министер Никос Коѕиjас на кусата прес-конференција на која не беше дозволено да се поставуваат прашања, рече дека за решавање остануваат се` помалку проблеми, но оти тоа се најтешките.

 

„Постои напредок во однос на рамката на заеднича соработка, но и на прашањето кое се однесува на иредентизмот. Го направивиме оној позитивен чекор што можеме да го направиме денес и се надеваме дека ќе успееме и најтешките проблеми да ги направиме полесни. Бевме соочени со големите и тешки проблеми. Се обидуваме да решаваме проблеми кои се однесуваат на минатото и се предизвикани од други. Но тоа е работата на дипломатијата“, рече Коѕиjас.

 

Во меѓувреме во Охрид разговараа и работните групи од двете страни, кои се составени од искусни дипломати, кои врз основа на напредокот од средбата во Виена го услогласиле текстот за идната соработка во различни области. За разговорите ќе бидат информирани двајцата премиери, а беше најавено дека процесот продолжува.

 

Нова средба најавија за 3 и 4 мај во Солун.

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи