Магијата на Селечка планина – над 600 учесници на вториот планинарски марш „Томе Темелкоски – Влечкарот“

Над 600 учесници денеска беа дел од вториот по ред планинарски марш „Томе Темелкоски – Влечкарот“, на Селечка планина, кој го организира планинарското друштво „Мамути“ од Прилеп. Овој марш е посветен на човекот кој го изгради планинарскиот дом на Селечка планина, кој моментално е единствениот планинарски дом во реонот на Прилеп. На маршот учествуваа гости од повеќе градови од Македонија како : Охрид, Битола, Гостивар, Скопје, Велес, Кавадарци, Неготино, Валандово, Гевгелија, планинарските друштва од Прилеп, а имаше учесници и од странство.

 

„Ние сме релативно млад клуб и се надевам дека овој марш ќе прерасне во традиционален и дека ќе влезе во календарот на сите планинарски друштва од Македонија. Маршот беше поддржан од скоро сите планинарски друштва во државава, но нас особено ни е мило тоа што прилепските фирми се покажаа како одговорни фирми, ја видоа нашата позитивна енергија, желбата за зачувување на она што ни е оставено во наследство, така што годинава не поддржаа голем број на спонзори, кои морам да напоменам дека ние не ги баравме, туку тие не бараа нас. Тука се и нашите поддржувачи со кои се трудиме да направиме една градска култура за движење во природа и да ја прошириме идејата „Во здраво тело здрав дух“, а тоа се Здружение на љубители на Ридско-планински активности,Рокенрол и добра чашка, Вело Че, ПрилепНаТочак, Лотос и фитнес студио Лејди фит. И ние на овој марш сме поддржувачи за идејата за реновирање на планинарските домови која што е актуелна во последно време и на овој марш можеа да се купат маици и беџови чии средства ќе се употребат за санација на домот Томе Темелкоски“, рече Маријана Ѓорѓиевска, претседател на планинарското здружение „Мамути“.

 

 

ДОМАЌИНСКО ЧЕШМУРЕ

 

 

 

 

СТОГОВИТЕ

 

 

 

 

ВРАПЧЕТО

 

 

 „УСТРЕЛЕЦ“

 

 

 

ОКНО ОД РУДНИКОТ ЗА УРАНИУМ

 

 

ПЛАНИНАРСКИ ДОМ ТОМЕ ТЕМЕЛКОСКИ

 

 

 

 

Учесниците на маршот имаа можност да ги посетат едни од најубавите места на Селечка планина.

 

„Ги посетивме едни од најубавите делови на Селечка планина, како што се локалитет „Домаќинско чешмуре“, „Стоговите“, „Врапчето“, споменикот Устрелец, поминавме покрај рудникот за ураниум, планинарскиот дом „Томе Темелкоски“, „Желката“, а ја видовме и „Момата“ која е еден од симболите на Селечка планина. Споменикот Устрелец е исто така изграден од страна на Томе Темелкоски, започнат е со израдба на 08.06.2004, а завршен е на 08.08. 2004 година по повод загинувањето на бранителите од Карпалак. Според запишаните податоци за изградба на планинарскиот дом биле употребени 12 тони железо, 90 вреќи цемент и камен и песок кршени од самата планина. Сè што се работело било рачно“, истакна Владимир Јованоски, претседател на планинарското здружение „Мамути“.

 

 

„ЖЕЛКАТА“

 

 

„МОМАТА“

 

Освен од Македонија на маршот учествуваа и гости од странство кои беа восхитени од природата и целата организација на овој настан.

 

 

„За прв пат сум на овој марш, многу ми се допаѓа тука, особено карпата која се вика „Мома“. Организацијата е одлична, сè помина во најдобар ред“, Марија Кубицова, учесник на маршот од Словачка.

 

„Теренот беше одличен, маршот се движеше низ голем број на нагорнини, рамни делови и удолници, така што беше интересно да се помине целата патека. Времето исто така беше одлично, не беше жешко, облаците особено ни помогнаа на нагорнините. Планирам и наредната година се вратам тука и да донесам повеќе мои пријатели. Организацијата беше одлична, во колоната имаше доволен број на водичи со радио станици и елеци кои ни помагаа да се ориентираме по патеката“, истакна Кајл Ман учесник на маршот од САД.

 

„ За прв пат сум во Прилеп. Учеството на маршот беше навистина забавно, патеката беше одлична и ми се допадна тоа што правевме паузи и организаторите се грижеа сите да се чувствуваат одлично. Теренот е неверојатен“, рече Алекс Хиво, учесник на маршот од САД.

 

„Одлично беше да се биде дел од овој настан. За прв пат сум тука и ќе дојдеме и наредната година доколку сме поканети. Теренот беше со средна тежина, ниту да биде досадно и монотоно, ниту пак да биде многу напорно, имаше одличен баланс. Организацијата беше феноменална од почетокот, пречекот, попатните станици, постојано имаше контрола од страна на организаторите за безбедност на учесниците“, изјави Никола Петрески, учесник на маршот од Кавадарци.

 

„Многу убаво си поминавме на маршот на кој учествуваме за прв пат. Прекрасно беше сè, особено организацијата која беше на високо ниво“, рече Рената Јованоска, учесник на маршот од Прилеп.

 

На крајот од маршот беа поделени благодарници за сите планинарски друштва, како и за најмладите планинари. За сите учесници на маршот во манастирот Свети Димитрија во село Селце имаше организирано и ручек со традиционално планинарско гравче.

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

WP-Backgrounds Lite by InoPlugs Web Design and Juwelier Schönmann 1010 Wien