Според образованието, 68% од 1 688 те луѓе вработени по “Рамковен договор“ се со висока стручна подготовка а 32% се со средно образование. Според податоците на “Порталб“, на листата вработени кои со години седеле дома а земале плата од Буџетот има дипломирани правници и економисти, професори, детективи, психолози, еколози, режисери, социјални работници, пишува неделната економска анализа на “Порталб“ . Операцијата за “активирање“ на овие веќе вработени во јавниот сектор започна. Дел од институциите по моделот на “трансфер“ ги прифаќаат “ново“ вработените.
Ќе се внимава на правична застапеност при новите јавни огласи за вработување…
Дел од институциите веќе ги преземаат административците кои беа вработени по Рамковен договор. Од Владата објаснуваат дека во првата фаза се опафени 958 луѓе, а 90% од нив веќе ја прифатиле ново понудената работа задача. Нема да има корекција на платите што досега ги земале, вели за “Порталб“ владиниот портпарол Мухамет Хоџа.
“Коефициентот на плата е веќе определен со ситематизацијата во институциите. Ова значи дека платите остануваат исти како и досега, бидејќи вработените се трансферираат согласно постоечкото звање, односно во согласност со хоризонталната систематизација. Доколку институцијата има потреба од ново работно место, односно сака преземениот административенц да го вработи на друго место за повисока плата, ќе мора да биде објавен Јавен оглас, да се бара согласност од Министерството за финансии, воопшто ќе мора да се постапи како и за секое друго ново вработување“, вели Хоџа.
Според планираната динамика, во првата фаза на работа се враќаат 958 луѓе а во втората фаза 730 или вкупно 1688 лица треба да бидат прераспределни во јавната администрација и во целиот јавниот сектор. Досега околу 10% од првата група сеуште не ја прифателие понудата за прераспределба, но се очекува дека на крајот од целата операција ќе се реши статусот на сите вработени, односно сите да ги потпишат понудените договори.
“Генерално, бараме кадри за реорганизација внатре во администрацијата, кои ги исполнуваат условите за заземање на некоја од раководните позиции, за веднаш тоа да биде направено. Некаде нема да биде прифатливо тоа што им се нуди и тогаш се применуваат законските одредби со кои овие луѓе се ставаат на трансфер-листа. Тоа не значи дека се отпуштаат од работа, туку се ставаат на располагање за други институции. Ќе се добиваат понуди како што добиваат понуди и останатите на трансфер листата во јавната администрација“, изјави министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски.
Според податоците за степенот на образование, 1 147 од вработените по рамковен договор се со висока стручна спрема, а 541 се со средно обраование. Најголем број од нив или 281 се дипломирани правници, 160 се техничари со средно образование, 157 се професори по јазик, 125 се дипломирани економисти, 90 се дипломирани по бизнис администрација. На листата се и други професии: 7 менаџери по царина и шпедиција, 12 теолози, 16 криминолози, 15 професори по физичка култура, 4 режисери, но има и еколози, дизајнери и еден дефектолог.
Со завршување на оваа операција на реактивирање на вработените по рамковен договор, не завршуваат и вработувањата по “етнички“ клуч. Од Владата велат дека натамошните вработувања мора да бидат во согласност со законската регулатива преку почитување на правото на правична застапеност.
“Во моментов има институции во кои се уште не се постигнати предвидените проценти на правична застапеност, но има институции каде тие проценти се надминати. Важно е да се знае дека при објавување на огласи за вработување ќе мора да се постапува во согласност со законската регулатива и со примена на “балансерот“ кој покажува во кои институции каков е распоредот на силите според етничка припадност“, велат од Влада.
Додека се подготвува втората фаза на решавање на статустот на останатите 730 вработени по рамковен, засега според бројот на преземени вработени по рамковен договор предничат финансиските институции, судовите, царината и полицијата. Така, Министерството за внатрешни работи презема 50 вработени, Царинската управа 30, а Министерството за правда – Управа за водење на матичните книги презема 26. Во Министерството за надворешни работи одат 19, во Министерството за образование 52 вработени, дел од нив во Бирото за развој на образованието, а дел во Државниот просветен инспекторат. Јавното обвинителство презема 26 луѓе вработени по рамковен договор, а транфери ќе има и во основните судови во Скопје, Гостивар, Тетово, Дебар и Куманово. Вработени ќе преземат и Фондовите за здравствено и за пензиско осигурување како и поголем број на државни агенции: Агенција за администрација, Агенција за вработување, АЕК, Агенција за катастар, Агенција за енергетика и други. Управата за јавни приходи ќе преземе 39 вработени по рамковен, а транфери има и во здравството, културата и социјалата.
Според најновите податоци од документот “Годишен извештај од Регистерот на вработените во јавниот сектор“, на крајот од ланската година, во институциите на јавниот сектор имало нешто повеќе од 109 000 вработени.
“Од 109,304 вработени, 82,374, односно 75.36% се Македонци, 21,112, односно 19.31% се Албанци, 2,012, односно 1.84% се Турци, 994, односно 0.91% се Срби, 1,245, односно 1.14% се Роми, 429, односно 0.39% се Бошњаци, 408, односно 0.37% се Власи, а 730, односно 0.67% се други или не се изјасниле. За споредба во Извештајот од Регистарот на вработени за 2016 година состојбата била следна: 82,900, односно 75.15% биле Македонци, 21,279, односно 19.29% биле Албанци, 1,781, односно 1.61% биле Турци, 1,272, односно 1.15% биле Срби, 1,216, односно 1.10% биле Роми, 479, односно 0.43% биле Бошњаци, 478, односно 0.43% биле Власи, а 907, односно 0.82% биле други или не се изјасниле“, се наведува во новообјавениот извештај на МИОА.
Иако платите на 1 688 те вработени по рамковен договор се дел од вкупната сума на плати што е планирана во Буџетот, а во отсуство на официјални податоци, се смета дека годишно за овие вработени кои седеле дома, а земале плата, се трошеле и до 10 милиони евра. Првите решенија по “рамковен“ беа доделени во 2009 та година.