ВИДЕО – Ирена Јакимоска нов претседател на Регионалната стопанска комора – Прилеп

После 2 децени раководење со Управниот одбор на Регионалната стопанска комора, нејзиниот претседател Симон Наумоски, денеска се повлече од оваа функција, а него ќе го замени Ирена Јакимоска, косопственик и менаџер на Комфи Ангел. Наумоски истакна дека во Прилеп има доста млади бизнисмени кои ќе ја продолжат успешната работа на Комората.

 

 

„Доста е со мојата активност на овој план, има доста млади кадри во градот кои можат да ме заменат и затоа се повлеков денеска. Инаку лично сум преблагодарен на тоа што работев со еден силен состав на Управниот одбор, секогаш беа многу актуелни во своите предлагања, јас тоа што го оставам како членови на Управниот одбор мислам дека ќе бидат од голема корист и ќе придонесат и понатаму Регионалната стопанска комора да продолжи успешно работи со новиот претседател. На госпоѓицата Ирена Јакимоска од срце и го честитам изборот и и посакувам голем успех“, истакна Наумоски.

 

Јакимоска изјави дека ќе се потруди во наредниот период да ја оправда довербата и дека како нејзината прва задача ќе биде воспоставување на поблиски односи со студентите од Економскиот факултет во Прилеп.

 

„Благодарам на довербата искажана од членовите на Управниот одбор на Регионалната стопанска комора и досегашаниот претседател. Ова го кажува најискрено, нема да биде лесно да се продолжи нешто што толку години било работено на правилни постулати. Ние сме една од најдобрите комори во Македонија. Да се продолжи нешто што функционирало толку добро и успешно ќе биде голем предизвик за мене и се надевам дека ќе ја оправдам довербата и заедно со локалната самоуправа се надевам дека ќе бидеме уште поуспешни во намерите да ги застапуваме интересите на бизнис секторот. Треба сите ние да се вложиме и да го направиме Прилеп подобро место за живеење и работење. Мојата лична визија е блиска соработка со студентите од Економскиот факултет, дури и нивна едукација во делот на имплементирање на системи кои што би му помогнале на членовите на Управниот одбор и членовите на комората, кои после нивната едукација на тие системи, несебично да го пренесат тоа знаење на компаниите“, изјавиЈакимоска.

 

И новиот извршен директор на комората, Горан Попоски, рече дека оваа функција ќе му биде голем предизвик за да успешно го продолжи веќе трасираниот пат.

 

„Сакам да се заблагодарам на досегашниот претседател Симон Наумоски за успешното работење на Регионалната стопанска комора. Воедно и го честитам изборот на Ирена Јакимоска за нов претседател и да и посакам успешна соработка. За мене како извршен директор на Регионалната стопанска комора е голем предизвик бидејќи досегашниот претседател постави високи критериуми во работата на комората така што ќе се трудам во рамките на сите мои можности да ја оправдам довербата и да ги унапредиме сите досегашни активности“, кажа Попоски.

 

 

На оваа седница на Регионалната стопанска комора присуствуваше и градоначалникот на Прилеп.

 

„Сакам во оваа прилика да му честитам на новиот претседател на Регионалата стопанска комора, Ирена јакимоска, која е млада стопанственичка млад менаџер, но со големо искуство и се надевам дека во следниот период, кога се веќе поставени темелите на Регионалната комора во Прилеп, дека ќе се продолжи со успешното работење“, рече Јованоски.

 

Управниот одбор Регионалната комора беше дополнет за уште два членови компанијата Марфил и компанијата Акомпласт, а за брзо време се очекува тука да се приклучи и Гентерм.

 

Исто така беше избран и уште еден потпретседател Јасна Петрушевска, финансов директор во Мермерен Комбинат Прилеп. Како потпреседател останува Сашо Самарџиоски од Прилепска пиварница.

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

WP-Backgrounds Lite by InoPlugs Web Design and Juwelier Schönmann 1010 Wien