Заев: Најдобрите луѓе во државата и во општеството ќе ги водат преговорите со ЕУ

Facebook
Twitter
Email
Print

Премиерот на Република Македонија, Зоран Заев, кој денеска се обрати пред пратениците и дипломатскиот кор на седницата на Комисијата за европски прашања во Собранието каде се разгледуваше Извештајот за напредок на Македонија, истакна дека пораките од Извештајот на Европската комисија за Република Македонија во 2017 година се примени, но потенцираше и дека Владата ја продолжила и ја интензивирала реформската динамика.

 

„Со целата наша енергија, знаење, искуство, интензивна работа и политичка волја, ајде заедно да ги убедиме и државите членки на ЕУ, дека заслужуваме почеток на преговорите за членство во ЕУ и дека сме подготвени да фатиме чекор со државите од регионот коишто веќе преговараат“, рече Заев.

 

Според него, до донесувањето на одлуките за почеток на преговорите на Европскиот совет во јуни, ќе се работи интензивно и на подготовките за воспоставување преговарачка структура, којашто, во име на државата, ќе ги подготви и води преговорите со ЕУ за членство.

 

„За оваа задача ќе ни требаат најдобрите луѓе од институциите, но исто така и најдобрите луѓе во државата и целото општество. Овде не смееме да имаме никакви поделби, ниту пак предрасуди“, порача премиерот.

 

Заев додаде дека датумот за почеток на преговорите со ЕУ ќе ги отвори први најтешките теми: правосудство и владеење на правото, заштита на човековите права, борба против криминал и корупција, реформи во јавната администрација, реформи на безбедносните служби, реформи во социо-економскиот систем, успешна регионална економска соработка.

 

„Затоа, ракавите веќе да ги засукаме, не чека полни раце работа, сите. Знам дека сме свесни сите за моментумот што дава шанса за реализација на стратешката цел на Република Македонија – почеток на преговорите со ЕУ и зачленување во ЕУ. Ова е национална и генерациска задача којашто нѐ обединува сите, ги обединува сите граѓани, сите етнички заедници, сите политички партии, сите институции“, рече Заев.

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи