Нов Закон за високото образование

Share on facebook
Facebook
Share on twitter
Twitter
Share on email
Email
Share on print
Print

Собранието на Република Македонија на денешната 45. седница го донесе Законот за високото образование, што е дел од пакетот на реформски закони.

 

Квалитетот на образованието и автономија на универзитетите се две главни цели на Законот за високото образование. Се работи за целосно нов текст на закон, поради нефункционалноста и неприменливоста  на актуелниот од 2008 година, кој поради слабости и недоречености досега имаше 21 измена и дополнувања, а само од 2015 е променет пет пати.

 

Подготовката на текстот, како што претходно објави МИА, почна во јуни минатата година кога се формираше работна група во МОН со вклученост на претставници од сите засегнати страни. Оттогаш на јавен увид беа претставени три нацрт-верзии со цел преку сугестии и укажувања текстот да биде подобрен со прифатливите забелешки.

 

Новини што ги донесува законот се формирање Агенција  за  квалитет на високо образование која ќе ги опфати како два раздвоени органа Одборот за акредитација (кој ги одобрува студиските програми) и Одбор за евалуација (кој го контролира квалитетот на одобрените акредитирани програми).

 

Се намалуваат мандатите на ректорите и деканите – од четири на три години. За деконцентрација на моќта на ректорите се воведува нов модел на нивниот избор – со непосредно гласање на професорите на факултетите и на институтите за предложените кандидати. За ограничување на моќта на министерот за образование и наука, пак, ќе се формира Национален совет за образование, наука и истражување, кој ќе преземе надлежности од министерот во сферата на високото образование.

 

Постојните студентски факултетски парламенти ќе се трансформираат во универзитетски односно факултетски собранија како тела на универзитетот, а не како здруженија на граѓани како што беа регистрирани според досегашниот Закон за високо образование. Факултетските собранија ќе се избираат на непосредни избори и во нив ќе членуваат претставници на студентите избрани на слободни, фер и демократски избори и потоа тие ги избираат своите претставници на ниво на универзитети.

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи