ВИДЕО – Фондот за иновации се претстави пред прилепските компании со мерките и грантовите кои ги нуди

Мерките на Фондот за иновации денеска се претставија пред прилепските компании. Беше потенцирано дека се финансираат иновативни проекти, но и проекти кои подразбираат технолошки напредок. Јавниот повик бил отворен на 28 април, а ќе трае до 11 јуни и право да аплицираат имаат микро, мали и средни компании. Предвидени биле 4 инструменти за поддршка.

 

 

„Првиот е наменет за мали и средни претпријатија, кои имаат тенденција на брз пораст, таканаречени газели. Вториот инструмент на поддршка е наменет за микро претпријатија. Третиот е наменет за сите претпријатија, микро, мали и средни, вклучувајќи и големи претпријатија и тука поддршката е исклучиво за иновативни проекти, односно проекти кои имаат во себе иновација, иновативен производ односно процес. Четвртиот инструмент е наменет за стручно усовршување и пракса на млади лица. Процентот на кофинансирање од страна на фондот, зависи од самиот инструмент. За третиот инструмент, максимално е 70% од страна на фондот, а додека за останатите е до 30%. Така што досега интересот е доста голем, од моментот кога е отворен повикот веќе имаме над 250 барања за подигања обрасци од електронскиот систем. Се надеваме дека до крајниот рок од 11 јуни тој број уште повеќе ќе се зголеми, така што ќе можеме да добиеме квалитетни предлог проекти, кои понатаму ќе водат кон зголемување на бројот на работни места“, изјави Ирена Ѓоршиевска, Фонд за иновации и технолошки развој.

 

 

Сите детали за условите и начинот на аплицирање ги имало на веб страната на фондот. Градоначалникот на Прилеп пак нагласи дека овие едукативни средби биле одлична можност фирмите да се запознаат со начинот на аплицирање за да стигнат до овие грантови.

 

„Информација како правилно да аплицираат за проектите, што треба да ги добијат средствата за технолошки развој на својата компанија, за човекови ресурси и се она што им е потребно за вработување и напредок на младите вработени во тие фирми. Мислам дека правилна апликација на секој субјект е условот за добивање на овој грант од 30 до 70% од проектот кој ќе биде аплициран до Владата на РМ, односно до третиот столб. Тоа е нашата обврска како општина, да направиме амбиент за работа, услоби за работа, да направиме инфраструктура и секако да ја поттикнеме државната и општинската администрација да биде во интерес и корист на сите овие правни субјекти. Ова е индиректен начин, да не биде само како флосхула, да ги задржиме младите да останат во Прилеп и Македонија, да ги одвратиме од одењето во странство, а тоа е токму еден од начините, дирекно со учество на општината и владата со доделување на овие грантови индиректно да ги одвратиме да не одат во странство“, додаде Јованоски.

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.