Иванов реагира дека не бил информиран за преговорите за името

Share on facebook
Facebook
Share on twitter
Twitter
Share on email
Email
Share on print
Print

До претседателот Иванов нема доставено информација за договорената рамка за надминување на спорот за името, на која вчера се повика министерот за надворешни работи Никола Димитров, велат од Кабинетот на Претседателот на Република Македонија.

 

„До Кабинетот на Република Македонија нема доставено информација за договорената рамка за можно решение на разликата околу името, ниту информации за последните две средби на министрите за надворешни работи на Република Македонија и Република Грција, одржани во Брисел и во Њујорк. Кабинетот на Претседателот на Република Македонија не е информиран ниту за составот, ниту за работата на правните тимови од двете земји во Атина на текстот на билатералниот договор“, велат од кабинетот на Иванов.

 

До претседателот претходно не бил доставен ниту предложениот пакет за името Република Илинденска Македонија, иако шефот на државата побара да добие писмен документ за последниот тек на настаните поврзани со спорот за името.

 

Кабинетот на Претседателот во неколку наврати претходно побара до претседателот Иванов да бидат доставени документи поврзани со текот на разговорите,  вклучително и нацрт-текстот на билатералната спогодба за надминување на разликата околу името, доставен од Министерството за надворешни работи на Република Грција, оценувајќи дека се врши селективно информирање на македонскиот претседател.

 

„Очекувам барем основниот документ на кој се гради овој предлог, а тоа е првиот што го дала грчката страна, да го имаме на увид, за да знаеме за кои прашања воопшто се разговара. Јас досега сум бил принципиелен и останувам доследно да се придржувам на изградените ставови од претходните претседатели на Република Македонија“, изјави претседателот Иванов пред 10 дена, по информативниот состанок на државно-политичкиот врв.

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи