ВИДЕО – Заврши фестивалот „Пеце Атанасовски“, годинава тој доби помалку пари од државата

На Рудина кај Долнени вчера заврши 44-тиот по ред Фестивал на народни инструменти и песни „Пеце Атанасовски“ на кој продефилираа 250 учесниции од цела Македонија. Но за жал иако ова е единствена од ваков вид манифестација во Македонија што го негува и го зачувува изворниот мелос како културно и фолклорно богатство, годинава тој доби помалку пари од државата. Од ланските 500.000 денари, Министерството за култура сега им доделило само 370.000 денари.

 

 

„Традицијата ја поддржуваме толку колку што се сакаме себеси. Се случуваше порано да нема воопшто средства, неколку пати се случуваше тоа и јас му велев на татко ми, нема пари, нема фестивал. Тој велеше додека сум жив ќе има фестивал, јас ако треба ќе го финансирам лично. Луѓето не доаѓаат тука ниту за пари, за леб, ниту за дневници, доаѓаат за да ни ја покажат нашата култура и да ја негуваат. И ако ние не ја поддржиме со еден аплауз и еден топол пречек што ќе биде, а толку бараме, не многу. Со текот на времето и приликите кои се кај нас и околу нас за жал секоја година треба се повеќе и повеќе да се докажуваме“, вели Весна Вучиќ, ќерка на Пеце Атанасовски.

 

 

 

Организаторите велат дека со овие скромни средства фестивалот едвај опстојува, а не пак да се размислува за негов развој. Затоа наместо посакуваните 10 дена тој трае само 3.

 

„Само семинарот кој го подготвувавме да биде ова година буџетот чинеше 450.000 денари, само за семинарот значи. Требаше да биде 10 дена, со 30 учесници од разни земји и 4 еминентни професори“, истакна Златко Лашкоски, секретар на фестивалот.

 

Инаку ова е единствениот семинар во Македонија каде во состав на фестивалот бесплатно се изучуваат народните инструменти и песни. И учесниците велат дека државата треба да помогне повеќе.

 

„Државата, односно Министерството за култура треба повеќе да се погрижи за овој фестивал, бидејќи ако овој фестивал умре, значи дека во Македонија нема повеќе ништо да има“, кажа Ристо Крстев, учесник на фестивалот.

 

„Овој фестивал ја зачувуваше македонската традиција, на Македонија, отсега незнам кој ќе ја чува таа северна традиција“, рече Владимир Трајанов, учесник на фестивалот.

 

 

 

 

 

 

Поради негрижата кон нашата традиција и се помалку млади го негуваат фолклорот.

 

„Повеќето млади не се заинтересирани за ова, не ги привлекува можеби“, изјави Радислав Зојков, учесник на фестивалот.

 

„Има млади кои се занимаваат со народни песни и инструменти, но не е тоа што треба да биде, малку се“, вели Дамјан Ѓорѓиевски, учесник на фестивалот.

 

Организаторите се надеваат дека барем идната година, кога ќе се одбележува јубилеј од 45 години, ќе добијат повисока финансиска поддршка од државата.

 

 

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи