ВИДЕО – Младите од Прилеп се уште го негуваат обичајот „Тајане Бојане“


По повод православниот христијански празник Раѓање на Свети Јован Крстител – Иванден здружението на жени „Преродба“ од Прилеп денеска го одржаа традиционалниот обичај „Тајане Бојане“ кој со векови се одржува во Прилеп. „Тајане Бојане“ е настан каде повеќе момчиња и девојчиња шетаат по куќи и дуќани и собираат состојки за правење на кравајчиња украсени со шекерчиња. Целта на овој настан е продолжување и зачувување на традицијата.

 

 

„Здружението „Преродба“ доби финасиска поддршпа од локалната самоуправа во Прилеп за проектот „Празниците и обредните песни во Прилеп и прилепско“. Денешниот настан „Тајане Бојане“ е една од активностите кои треба да ги реализираме со тој проект. Благодарност до Детската амбасада За сите деца во светот за дечињата што денес се присутни и ја разубавуваат оваа атмосфера. Со нив ниие возрасните се гордееме затоа што има некој кој ќе ја пренесе традицијата на овие наши обичаи и празнувања. Обичајот „Тајане Бојане“ е настан каде едно машко дете го носи ѓумчето кое е украсено со цвеќиња и во кое се пуштаат парички. Се носи и тепсија во која има ставено чаша и сад. Во тепсијата се тура брашно, во садот шеќер, а во чашата масло, сето тоа се употребува за месење на кравајчињата, а парите се употребуваат да се купат шекерчиња со кои се украсуваат кравајчињата. Овој обичај го има само во Прилеп и уште ние сакаме таа традиција да ја продолжиме понатаму. Голем дел од малите не ни знаат за овој празник, а ние не сакаме оваа традиција да изумре“, истакна Лилјана Ѓорѓиеска, здружение на жени „Преродба“.

 

 

Децата учесници на настанот рекоа дека се горди што може да ја продолжат традицијата на нивните баби и дедовци.

 

„Ова е еден голем чекор за детската амбасада за Сите деца во светот и здружението „Преродба“, преку денешниот настан се обновува традицијата за еден од нашите најголеми празници „Иванден“. Настанот е во организација на членовите кои го посетуваат Едукативниот центар при детската амбасада За сите деца во светот. Момчиња и девојчиња шетаат по дуќаните и куќите, собиирајќи состојки од кои потоа се прават кравајчиња. Додека одат тие ја пејат традиционалната песна“, изјави Барбара Мицеска, член на детската амбасада За сите деца во светот.

 


Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи