ВИДЕО – Јованоски : Граѓаните се задоволни од начинот на организирање на Пиво фестот, в година ќе размислуваме за промени

Направивме една неформална анкета во градот, беа запознати сите граѓани, од тинејџерите до највозрасните и пензионерите и од прилика околу 60 до 65% одговорија дека се задоволни од начинот и локацијата на организирањето на фестивалот на пивото, така да и оваа година се одлучивме да остане локацијата, начинот на организирање на фестивалот на пивото. Се надевам дека наредната година ќе имаме доволно време да размислиме и да направиме спектакл кој би бил малку поинаков од сегашниот. Истакна во интервјуто градоначалникот на Прилеп, Илија Јованоски.

 

 

Градоначалник, се наоѓаме на прагот од 16-тиот по ред Пиво фестивал во Прилеп. Колку градот е подготвен за оваа голема манифестација ?

 

Во текот на втората половина од идната недела, целото внимние на македонската забавна и уметничка јавност ќе биде усмерена кон Прилеп, кон 16-тиот по ред Пиво фестивал, односно фестивалот на пивото кој треба да се одржи во Прилеп, како што секоја година се одржува. Припремите се при крај, подготовките се при крај и мислам дека само го чекаме моментот да започне Пиво фестивалот. Оваа година не сакавме да промениме ништо од минатата година, во смисла на промена на локацијата, начинот на организирање на фестивалот на пивото, затоа што морам да кажам дека направивме една неформална анкета во градот, беа запознати сите граѓани, од тинејџерите до највозрасните и пензионерите и од прилика околу 60 до 65% одговорија дека се задоволни од начинот и локацијата на организирањето на фестивалот на пивото, така да и оваа година се одлучивме да остане локацијата, начинот на организирање на фестивалот на пивото. Единствено се менуваат само ѕвездите што треба да бидат присутни на четирите вечери што треба да бидат на располагање на граѓаните на Прилеп и Македонија.

 

Ја споменавте локацијата, нешто што како дилема се провлекуваше во изминатите години. Дали Пиво фестивалот и неговото одржување е поврзано со центарот на градот, односно потребната инфраструктура како што е водовод, електрична енергија, одвод и слично која ја има тука и дали во иднина може да се размислува за некаква поделба на одржувањето на фестивалот на повеќе локации, одржување во периферијата или нешто слично?

 

Токму така, размислувавме дали евентуално годинава да ја менуваме локацијата. Стварно за една ваква голема манифестација како фестивалот на пивото, на кој што доаѓаат илјадници граѓани од другите градови во РМ, значи за промена на локацијата треба да се направи комплетна анализа за инфраструктурата, водоводот, електричната енергија, паркинг местата итн., поопсежна анализа што оваа година немавме можност тоа да го направиме. За наредната година се надевам дека ќе имаме и повеќе време и повеќе начини за носење одлука дали ќе биде на истиот начин организиран овој Пиво фестивал, или пак ќе го правиме подруго.

 

Пиво фестивалот е вистински препознатлив бренд, не само за Прилеп, туку и за Македонија. Стана една од поголемите забавни манифестации во нашата држава. Од каде се очекувате гости да дојдат во Прилеп за овие 4 фестивалски денови?

 

Како и секоја година и оваа година очекуваме гости од сите наши градови во РМ, од соседните држави, од Бугарија, од Србија, од Црна Гора, доаѓаат и од Грција. Имаме најави дека оваа година, како и минатите години што доаѓаат гости и наши сонародници од Австралија и од Америка, така да имав и еден разговор од една агенција што била од Сиднеј, рекоа дека сакаат да организираат фестивал на пивото во Австралија, на начин налик на нашиот фестивал на пивото. Тие ќе дојдат оваа година, ќе имаме контакти, ќе разговараме на тој дел, Пиво фестивалот да биде и на другите континенти, како што е Австралија.

 

Пиво фестивалот е една манифестација која што се труди да ги задоволи сите музички вкусови и да има различна музичка програма ?

 

Точно така, значи овие 4 дена ќе има музика за сечиј вкус, за сите генерации. Мислам дека публиката и гостите ќе бидат задоволни, затоа што во програмата што ја имаме, во четвртокот на почетокот фестивалот ќе го отвори Бени, понатаму Дани, Тони Зен и Кирил Џајковски. Петокот на 13.07 ќе биде Дарио, Ван Гог, Црвена Јабука, Мозел и мислам дека последниот е за младите посебно добар, затоа што младите се тие кои се најголеми учесници на ваквите фестивали, што се надевам дека и оваа година така ќе биде во нашиот град. Во саботата ќе бидат Некст Тајм, Џенан Лончаревиќ и секако главната ѕвезда што ќе биде на годинешниот фестивал на пивото, Жељко Јоксимовиќ и мислам дека вистински спектакл ќе биде во саботата вечерта. И во неделата, на завршувањето на фестивалот на пивото ќе бидат Либеро бенд, Милица Тодоровиќ и секако за повозрасните, југословенската ѕвезда Шабан Шаулиќ. Мислам дека има вистински музички уметници за сечиј вкус, за сите генерации, така и граѓаните ќе бидат задоволни, и домаќините за кои што знаеме дека прилепчани се добри домаќини, како и секоја година и еве една порака до сите учесници на фестивалот, за сите гости, да водиме сметка малку за животната средина и еколошкиот дел на она што се случува, како и за безбедноста што треба да ја имаме сите во тие 4 дена кога ќе се случува фестивалот.

 

Кога сме кај музичката програма, за овие 16 години може слободно да се каже дека нема поголемо балканско музичко име, кое што не гостувало тука во Прилеп. Прилепчани можеби очекуваат овој фестивал да се надмине себеси и да прерасне во една друга поширока рамка, односно да стане малку поевропски фестивал. Дали е тоа возможно, колку финансии се потребни за сето тоа и кога прилепчани можат да очекуваат Пиво фестивалот да прерасне во една манифестација од европски калибар?

 

Па се надеваме дека наредните години тоа ќе се случи. Имаше разни коментари, разни предлози, разни мислења, сугестии и кои учесници да бидат. Стана збор дури и филхармонијата да биде присутна, некои рок групи од странство, диџеи итн. Мислам дека за наредната година ќе имаме доволно време да размислиме, да направиме спектакл кој би бил малку поинаков од сегашниот.

 

Оваа година Општина Прилеп оддели 2.5 милиони денари од буџетот за Пиво фестот. Дали тие ќе бидат доволно и дали се најдени и други финансиски средства?

 

Советот на Општина Прилеп, како и секоја година што одвојува и оваа година одвои 2.5 милиони денари за дел од учесниците што ќе бидат на фестивалот. Агенцијата која што го закупи просторот од 4.200 квадрати јавна површина во центарот на градот е организаторот практично на оваа манифестација. Таа ги организира овие средби и прави договори со сите учесници на фестивалот, со ѕвездите на фестивалот, така да мислам дека тие имаат направено програма како тоа да го изведат. Досега нема никакви проблеми, при крај се подготовките и околу обезбедувањето, што ми е многу важно, многу битно. Исто така да кажам дека ќе бидат во функција и јавните претпријатија Водовод и канализација и Комуналец, каде што треба да имаме чиста вода, чист град. Противпожарната служа ќе биде 4-те дена подготвена 24 часа во денот. Редарите од јавното претпријатие за Јавно и просторно планирање, кои што ќе го уредуваат паркинг просторот, паркинг местата и кога сме тука сакам да кажам дека оваа година за сите гости кои ќе доаѓаат надвор од Прилеп, паркирањето ќе биде 50 денари, за разлика од минатите години кога беше 100 денари за влез. Една новост и поволност за граѓаните кои доаѓаат од страна. Исто така полицијата во Прилеп ќе биде задолжена за редот и мирот да биде добро организиран и добро спроведен во тие 4 дена, што ќе биде на задоволство на сите, крајот на овој фестивал да го дочекаме сите задоволни, среќни и се надевам дека наредната година ќе имаме друг тип на фестивал на пивото.

 

Тие 50 денари паркинг ќе се плаќаат како минатите години на влезовите од градот, што беше малку како забелешка на граѓаните, или пак на самото паркирање?

 

Значи бидејќи има многу повеќе места за паркирање, многу редари за паркинг местата ќе треба да организираат од паркинг службата. Како што мислат дека е најдобро, така и ќе биде направено. Не можам во овој момент да ви кажам, јас знам дека малку не е вкусно кога ќе влегува некој од Скопје или од Битола да му земаат пари на влезот од градот, но толку има паркинг места во градот и прави технички проблеми. Тоа мислам дека службата од јавното претпријатие за просторно планирање најдобро тие ќе оценат што треба да направат.

 

Според оние информации кои што ги имаме хотелските капацитети и приватното сместување се скоро исполнети. Дали и годинава ќе функционира бесплатниот кампинг простор на Паркот на револуцијата ?

 

Точно така, заборавив да го спомнам. Значи ќе има кампување и камп на Могилата на непобедените, каде што ќе биде организиран овој кампинг. Младите ќе може да постават шатори од другите градови кои ќе доаѓаат. За тие 3-4 дена колку што ќе бидат присутни ќе биде организиран и топол напиток од страна на општината за учесниците на тој кампинг простор. Исто така Комуналец ќе обезбеди и туш кабини за потребите на овие кампери.

 

Пиво фестивалот претставува вистинска гордост за прилепчани и итој треба понатаму да се развива и да прерасне во една манифестација што ќе донесе се повеќе гости во Прилеп и да се афирмира надвор од границите на Македонија ?

 

Тој претставува гордост на Прилеп, претставува голема манифестација, вистински фестивал кој ретко го има во Република Македонија и во иднина мислам дека ќе прерасне во уште поголема манифестација. Јас како градоначалник се гордеам на овој фестивал и на прилепчани, затоа што успеаја овие 15 години наназад да се направи во Прилеп еден фестивал што вистински заслужува внимание и во иднина ќе ни донесе уште повеќе туристи и перспектива и се она што му е потребно на Прилеп да се афирмира.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи