ВИДЕО – Светски куп во трки со дронови во Прилеп

Во Прилеп по втор пат се одржа Светскиот куп во трки со дронови на стадионот кај Паркот на револуцијата. Ова е еден прилично нов спорт, стар само неколку години, кој екстремно брзо се развива во Европа и на Балканот. Денес во Прилеп имаше учесници од 4 држави кои ги летаа дроновите. Натпреварувачите ги летаат дроновите со помош на наочари кои се поврзани со камерата на самиот дрон, а целтa е на најбрз можен начин да се поминат сите препреки на патеката.

 

 

„Ова е еден модерен спорт кој што се развива многу брзо особено во последните 3 години. Веќе се вршат преноси за овој вид на спорт и на телевискиот канал Еуроспорт. Се очекува ова да биде идната „Формула 1“ помеѓу виртуелната реланост и реалната виртуелност. Учесниците гледаат низ наочари кои се поврзани со камерата на самиот дрон и треба на најбрз можен начин да ги поминат сиите препреки на патеката. Треба да се направат 3 обиколки за најкратко време. На Балканот полека се развива овој спорт, веќе неколку години има и вакви случувања. Пред 3 години го направивме првиот Светски куп во Бугарија, лани имаше и во Македонија, во Прилеп. Може да се каже дека годинава ќе има два Светски купа во Макдонија, еден сега и еден на есен. Се повеќе се зголемува учеството, од се повеќе држави. Се надевам дека идната година ќе имаме по 40-тина учесници на овие купови. Во Прилеп има прекрасни услови за организирање на овој куп“, изјави Сотир Лазарков, престедател на ФАИ жирито на Светскиот куп за летање со дронови во Прилеп.

 

Учесниците велат дека овој спорт станува се поатрактивен кај младите во регионот.

 

„Се занимавам со ова хоби веќе 2 години. А се тркам 1 година, од кога и започнаа првите трки во Србија. Во Македонија малку подолго се организираат вакви трки, ова е втора година, така што се почесто ќе доаѓаме на гости тука на ваквите натпревари и се надеваме во поголем број. Ова е скапо хоби, но со 500 евра може да се почне со него. Прво и основно  што треба да се купи е оваа радиостаница со која се вежба исто како на комјутер, како на симулатор. Летам дронови затоа што тоа е популарно и модерно. Тоа е еден од најдобрите адреналински спортови. Вложуваме многу труд, тренираме напорно секој ден, се надеваме дека за неколку години ќе собереме повеќе луѓе и дека ќе има поголема заинтересираност од јавноста и медиумите“, рече Александар Стојановиќ, учесник од Србија.

 

„Се занимавам со ова хоби веќе 2 години, ми се допаѓа бидејќи носи многу адреналин. Интересно е самото конструирање затоа што сам си ги конструираш овие дронови, интересен е целиот процес на нивно создавање, а потоа и летање. Ова е мое дело, јас го конструирав“, истакна Златко Радев, учесник од Бугарија.

 

Организатори на овој Светки куп се Воздухопловната федерација на Македонија и Воздухпловниот клуб „Фил – Феникс“ од Прилеп.

„Задоволни сме што во Прилеп повторно се собрани дел од најдобрите пилоти на дронови од регионот. Популарно наречени радио управувани воздухоплови, значи беспилотни воздухоплови. Имаме претставници од 4 држави. Направивме една од подобрите патеки за летање, тука на спортскиот стадион на Могилата и задоволството е големо. Воздухопловниот клуб „Фил Феникс“ има долга традиција во организирање вакви врвни меѓународни натпревари. Позади нас стојат традиционалните натпревари од Светскиот куп во воздухпловно моделарство, него го организираме веќе 18 години. Нашата екипа е искусна во поглед на ваков вид на организација. Ги збогативме воздухопловните спортови во Македонија со уште една нова воздухопловна дисциплина. Дроновите се специфични, тие се збир на најнапредната електроника, механика, тие се воздухопловии кои го променија знаењето за аеродинамиката, познавањето на взодухопловната реалност и пред се виртуелната реалност. Ова се оние летала кај кои пилотот директно гледа преку наочарите и преку камерата која е вградена на дронот“, потенцираше Здравко Тодороски, организатор на настанот.

 

Натпреварите во трки со дронови продолжуваат и утре.

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

WP-Backgrounds Lite by InoPlugs Web Design and Juwelier Schönmann 1010 Wien