Спасувачите во Тајланд се подготвуваат за одлука

Властите веруваат дека постои можност да ги спасат 12-те деца и нивниот тренер од пештерата Там Луанг во Тајланд, во следните три-четири дена, со што ќе се обидат да го намалат нивото на водата, како и на нечистиот воздух во пештерата, колку што е можно, пред да бидат приморани да реагираат, пишува британски „Гардијан“.

 

Гувернерот на провинцијата Чијанг Раи, Наронгсак Осатанакорн истакна оти денешната акција за извлекување на вода од патеката долга 3,2 километри до местото во пештерата каде што се наоѓаат децата, била успешна.

 

Но, метеоролозите предвидуваат засилување на врнежите до почетокот на следната недела, што им дава на спасувачите рок од неколку дена да ги извлечат момчињата и нивниот фудбалски тренер. Во спротивно, тие би можеле да останат во пештерата до јануари.

 

Акцијата за спасување ќе зависи од два фактори, од нивото на кислород и од нивото на водата во пештерата. Нивото на кислород, моментно е на 15 проценти, што е помало од вообичаениот 21 процент. Доколку падне на 12 проценти, тоа ќе има негативно влијание по децата. Дополнителна опасност претставува зголемената концентрација на јаглерод диоксид. Властите, исто така, признаа дека постои ризик за местото на кое се наоѓаат децата да биде поплавено.

 

„Слушнав дека водата би можела да стигне до нив, што би можело да го намали нивниот простор на десет квадратни метри“, истакна Осатанакорн.

 

Тој додаде оти „ќе донесат одлука, доколку ризикот од воздухот и од водата дојде до точка која е неприфатлива“.

 

Спасувачите соопштија дека децата уште не се подготвени да излезат со нуркање, па тие разгледуваат други можности за нивно извлекување.

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

WP-Backgrounds Lite by InoPlugs Web Design and Juwelier Schönmann 1010 Wien